- Македонски
- English

Благодарение на успешната соработка на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП) и Меѓународниот синдикат за градежништво и шумарство BWI (Building and Wood Worker`s International), Секцијата на Жени на ССМ на покана на BWI (Building and Wood Worker`s International) имаше можноста да се приклучи на нивните активности за одржување на онлајн работилници под наслов- „МОТ К.бр.190 и П.бр.206 – Синдикати во акција: Потребни чекори за промени“ наменети за активно учество на синдикални лидерки и синдикални претставнички кои доаѓаат од државите кои успешно ја ратификуваа Конвенцијата на Меѓународната Организација на Трудот (МОТ) за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190.
Работилницата започна со кратка презентација посветена на Конвенцијата на Меѓународната Организација на Трудот (МОТ) за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190 изготвена од страна на претставничката на Меѓународниот синдикат за градежништво и шумарство BWI (Building and Wood Worker`s International), а продолжи со успешна дискусија и активно учество на сите учеснички со што и се оствари главната цел, а таа е да се разговара за одредбите на Конвенцијата и да се направат компаративни анализи, кое нешто ќе резултира со идни активности и мерки кои ќе значат зајакнување на нејзиното спроведување и развивање на практични идеа за успешна примена.
Учесничките кои се дел од Секцијата на Жени на ССМ ги споделија своите ставови за напредокот и предизвиците со кои Македонските граѓани, работниците и синдикатите се соочуваат при спроведувањето на Конвенцијата во нашата држава, забележувајќи дека иако поминаа речиси две години откако стана правно обврзувачка, нејзината практична имплементација останува многу ограничена.
Особено беше нагласено дека иако жените работничките честопати неформално се обраќаат до синдикатите за совет, формалните жалби и покренување официјални постапки остануваат ретки. Што се однесува до активностите на ССМ посветени на поуспешна примена на оваа Конвенција, претставничките на ССМ напоменаа дека Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) за целиот овој период на своите членови, но и на сите работници ја става на располагање својата експертиза преку своите синдикални организации во сите гранкови синдикати како во јавниот така во приватниот сектор, преку бесплатната правна помош и преку можноста да се достават пријави до ССМ кои можат да бидат и анонимни преку нашата дигитална апликација “ССМ-Мои Работнички Права”, а кои пријави подоцна соодветно ќе бидат не само спроведени до ДИТ туку решавањето на истите ќе бидат соодветно следени од нашиот правен сектор, а сето ова како начин да им се докаже на работниците дека при покренување на овие постапки тие нема да бидат оставени сами на себе, туку со нив рамо до рамо ќе стојат и нивните синдикални преставници.
Претседателката на Секција на Жени на ССМ која е и Претседателка на Европскиот комитет за жени на BWI, Ивана Димитрова нагласи дека за жал во секторите доминирани од мажи, како што е секторот - градежништво, дискриминацијата, насилството и вознемирувањето врз жените остануваат речиси невидливи и непријавени.
Исто така таа нагласи дека најчесто информациите кои се добиваат и споделуваат во јавноста произлегуваат од секторите каде што доминираат жените, како што се образованието и услугите, додека пак секторите како градежништвото се занемарени и често се перцепираат како сектори без жени, па оттука изостануваат реални информации кои би дошле токму од овие сектори. Па така се нагласува дека најчесто наметнатата потреба од справување со насилството и дискриминаторската средина на работните места ги одвраќа жените од секторите кои се доминирани од мажи работници. “Од успешното справување со овие прашања на конкретен, практичен и сеопфатен начин, ќе зависи дали повеќе жени ќе влегуваат или остануваат токму во тие сектори”, заклучи Димитрова.
Само за напомена токму на иницијатива на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), прво во 2013 година беше донесен Законот за заштита од вознемирување на работно место, а во 2023 година повторно на иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Економско-социјалниот совет прво едногласно ја поддржа ратификација на Конвенцијата на МОТ за елиминирање на насилството и вознемирување на полето на трудот (К - 190), а официјално нашата држава ја ратификуваше оваа Конвенција на МОТ со прогласувањето на Законот за ратификација на 14 јуни 2023 година и се разбира истата има огромно значење во обезбедувањето на поголема заштита на работниците, кое нешто докажува дека заштитата на работниците и елиминирaњето на насилството и вознемирувањето на полето на трудот е секогаш значаен дел од работната програма на ССМ, кое нешто ќе продолжи и во иднина.
На крај беше нагласено и дека во изминатиот период Министерството за економија и труд, во партнерство со Меѓународната организација на трудот, веќе започна процес на подготовка на нов закон за спречување на насилството и вознемирувањето на работното место со цел изработка на функционално законско решение, кое ќе биде вистинско усогласување со ратификуваната Конвенцијата на Меѓународната Организација на Трудот за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, бр.190.
Сојузот на Синдикатите на Македонија како најголем и репрезентативен синдикат е дел од оваа трипартитна работна група и во наредниот период ќе има за цел во соработка со своите грански синдикати од сите сектори и преку својот член во работната група да даде предлози за одредби и решенија кои значително ќе ја подобрат примената на законските одредби, а особено ќе ги охрабрат сите работници да не останат неми на оваа тема, да пријавуваат, да бидат гласни и заедно со својот синдикат и своите синдикални претставници да се борат за безбедни работни места.
Како резултат од успешната работилница беше нагласено продолжување на соработката на оваа, меѓутоа и на сите останати значајни синдикални теми помеѓу Секцијата на Жени на ССМ со Меѓународниот синдикат за градежништво и шумарство BWI (Building and Wood Worker`s International) и во наредниот период, бидејќи секое заедничко успешно синдикално дејствување ќе значи и постигнување на вистински промени на национално ниво.