Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОСТРА РЕАКЦИЈА ДО ВЛАДАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО МЗШВ ОД СТРАНА НА ВЛАДАТА

Сојузот на синдикатите на Македонија до Владата, достави остра реакција поради тоа што за​ прв пат во историјата на Македонија, добиено е откажување на Колективен договор.

Отвореното писмо доставено до Владата во прилог:

​Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со синдикатите здружени во ССМ Ви ја испраќаат оваа реакција поради тоа што синдикатите и членовите здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија сериозно се загрижени поради информацијата дека една социјалдемократска Влада, за прв пат во историјата, презема чекор за укинување на Колективниот договор за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со што Владата директно посегнува и ги укинува основните човекови права како што се правото на достоинствена работа и достоинствена плата.

Ваквиот однос на Владата претставува директно кршење на работничките права и тоа само поради тоа што работниците имаат права, а со чинот на откажувањето на Колективниот договор, Владата сака да ги одземе тие права на работниците единствено поради тоа што таа така смета што е спротивно на социјалдемократските начела од кои треба и да се раководи.

Ова е преседан во социјалниот дијалог и колективното преговарање и е прв колективен договор во нашата држава, кој го откажува работодавачот, во случајов Владата преку МЗШВ.

Сојузот на синдикатите на Македонија за ова предупредува на последните две седници на Економско социјалниот Совет но за жал Владата започна со спроведување на Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст: политики, препораки, мерки и индикатори со заклучоци од 88 седница на Владата со кој се укинуваат колективните договори, како и донесениот Правилник за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори Сл. Весник бр.223 од 19 октомври 2022 година.

Владата, МЗШВ и МТСП грубо ги кршат одредбите од Конвенцијата бр 154 за колективно договарање,151 Конвенција за работни односи ( јавна служба ) и Конвенцијата 150 за администрацијата на трудот кои се ратификувани во нашата држава и на тој начин се дел од националното трудово законодавство.

Иако наведените конвенции, како и добрите практики од демократските држави во нашето опкружување, Европа и светот укажуваат на должноста на националните власти да го промовираат , поддржуваат и охрабруваат колективното договарање и во приватниот и во јавниот сектор , очигледна е тенденцијата на Владата да го попречува, контролира и ревидира колективното договарање и социјалниот дијалог во земјата.

На овој начин се врши и грубо кршење на правото на синдикално организирање и здружување, се дерогира социјалниот дијалог и се злоупотребуваат работничките и човекови права во државата.

Работниците не веруваат повеќе на изјавите на владините претставници, туку ги ценат нивните дела, кои во овој случај се спротивни на сите постулати на социјалниот дијалог во една европска Држава, а за што сме приморани да ги информираме Меѓународната организација на трудот, Европската и Светската конфедерација на синдикатите, а преку нив да бараме заштита и интервенција пред Вашите европски партнери на кои мораме да им ја предочиме реалната слика и состојби во нашата земја.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.