Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОТВОРЕНА ПРЕДСТЕЧАЈНА ПОСТАПКА НА ДГ БЕТОН АД СКОПЈЕ

Основниот граѓански суд Скопје по предлог на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија - СГИП и синдикалците и работниците од ДГ Бетон АД Скопје на 01.11.2022 година донесе Решение со кое се поведува претходна постапка за испитување на условите за отварање на стечајна постапка на должникот ДГ БЕТОН АД Скопје.

Со Решението, СЕ ОПРЕДЕЛУВА општа забрана за располагање со имотот на должникот, СЕ ЗАБРАНУВА одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот, СЕ ЗАБРАНУВА исплати од сметките на должникот, СЕ ПОВИКУВААТ должниците на должникот своите обврски да ги исполнуваат, итн.

Постапувајќи по предлогот за отварање на стечајна постапка, судот оценил дека во конкретниот случај се исполнети условите за поведување на стечајна постапка.

Со вака донесеното Решение, газдите веќе не се газди и тие сега исто како и работниците ќе треба да чекаат некој друг во случајот привремениот стечаен управник да им дава согласност и да одлучува место нив, а работниците и синдикалците заедно со синдикатот СГИП при ССМ очекуваат голема ефикасност и одговорност од страна на привремениот стечаен управник и судот во постапувањето по предметот и заштита на нивните интереси како доверители.

Апелираме сите работници и доверители во наредниот период да се приклучат кон постапката и да се информираат во Основниот граѓански суд Скопје, а синдикатот СГИП во наредните денови ќе ги информира членовите на синдикатот на кој начин да ги остварат своите побарувања од ДГ БЕТОН АД Скопје.

За потсетување, работодавачот ДГ Бетон АД Скопје на работниците им должи шест неисплатени бруто плати, регрес за годишен одмор за 2021ва и 2022ра година, а сметките му се блокирани повеќе од 45 дена што беше и главна причина работнците своите права да ги остварат пред суд.

Исто така, наместо оваа година во месец Декември работодавачот заедно со работниците да прослави јубилеј од 75 години постоење, дочека стечај на компанијата поради лошото менаџирање и покрај сите напори на Синдикатот да се изнајде решение за состојбата во која се наоѓаат работниците

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.