- Македонски
- English
Оваа година на 1-ви Мај да протестираме, не да маршираме – порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на почетокот на прес-конференцијата одржана во Работничкиот Дом на ССМ и со тоа го најави традиционалниот првомајски марш на синдикалците. Главниот мотив за изразување протест овој 1-ви Мај, како што рече, се недостоинствените плати и услови за работа, нагласувајќи дека истиот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а повикани да земат учество се сите синдикати во рамки на ССМ, другите синдикати, работниците, граѓаните, борците и активистите за човекови права, со цел заеднички да се изборат за минимална плата од 500 евра и зголемување на сите плати во државава за 100 евра.
„Сојузот на синдикатите на Македонија повикува на протест кој ќе започне во 11 часот пред Работничкиот Дом на 1-ви Мај, ги повикуваме синдикатите здружени во ССМ и нивните членови, ги повикуваме и другите синдикати, ги повикуваме работниците, граѓаните, борците и активистите за работнички права, ги повикуваме сите кои му мислат добро на работникот да ни се придружат на овој 1-ви Мај и преку протест да изразиме работничко незадоволство поради тоа што платите во Македонија се мизерни, не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори, а Владата и работодавачите одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 100 евра“, го започна своето обраќање Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Лидерот на ССМ рече дека времето за скари на овој ден е завршено и дека масовноста е клучна бидејќи во моментов сите се против ССМ и работниците. Не е време за пиво и скара, порача Трендафилов, туку за протест и изразување на работничкото незадоволство.
„Денес не е време кога треба да празнуваме, треба да ја менуваме традиција и ние како и сите останати земји во ЕУ да излеземе на протест и на тој начин да го изразиме работничкото незадоволство. Колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме толку ќе добиеме. Владата и работдавачите нѐ бројат. Затоа ги повикувам на протест оние работници кои сметаат дека се понижени и дека имаат ниски плати, и кои сметаат дека треба да застанат рамо до рамо со ССМ во борбата за подобрување на работничките права, за повисоки плати и достоинствени услови за работа “.
„Во моментот сите се против Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и Владата, работодавачите и другите синдикати, само затоа што бараме зголемување на платите, затоа што бараме зголемување на минималната плата и затоа што бараме достоинствени плати и достоинствени услови за работа. Работниците треба да се охрабрат и да застанат заедно со нас. Никој не може да им се заканува на работниците и никој не може да им се заканува на синдикатите“, изјави Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ.
Прашан во врска со ставот на премиерот дека синдикатите треба да се договорат со работодавачите за минималната плата, претседателот на ССМ рече дека пораките во изминатите два месеца од Владата кон работодавачите биле тие никако да не седнат на заедничка маса со синдикатите и да разговараат за платите.
„Клучно е што засега никој не го одбива вториот предлог на ССМ работодавачите да бидат ослободени од плаќање на придонесите за разликата од 100 евра за да се стаса до 500 евра минимална плата. Од тоа што јас го слушам, работодавачите се на иста линија со синдикатот, меѓутоа, стравот кој се создаде во изминатите два месеци ги одвраќа да седнат и да разговараат со нас, можеби и поради тоа што Економско-социјалниот совет не може да се состане, од причина што ССМ се уште не може да ја добие репрезентативноста веќе петти месец отткако уредно го поднесе Барањето за утврдување и потврдување на својата репрезентативност”.
„Пет месеци чекаме утврдување на репрезентативност, за да седнеме на масата како рамноправен партнер и пет месеци чекаме да се зголеми минималната плата на најмалку 500 евра“, истакна Претседателот на ССМ.
Надоврзувајќи се на прашањето на репрезентативноста Трендафилов рече дека Владата намерно одолговлекува со утврдувањето на тоа кој синдикат е репрезентативен, што ќе значи да може да се биде дел од Економско-социјалниот совет каде што седат претставници на Владата, работодавачите и синдикатите и каде што се решава за минималната плата. Лидерот на ССМ истакна дека не знае кога ќе се утврди репрезентативноста, но рече дека владата со нападите врз синдикатот прави се за да не се постигне договор за минималната плата.
„Минатата и оваа недела за жал не е закажана седница на Комисијата за утврдување на репрезентативност. Ќе видиме дали тоа ќе биде направено наредната недела пред 1-ви Мај или после 1-ви Мај“, рече Трендафилов нагласувајќи дека „За жал, пораките кои ги испрати Владата изминатите два месеци кон работодавачите се никако да не седнат да разговараат за зголемување на платите и колку може посилно да не напаѓаат нас како ССМ”.
Осврнувајќи се на неисплатените мартовски плати за работниците во културата, Трендафилов рече дека според неговите податоци, плата не им е исплатена не само на работниците во културата, туку и на вработените во Министерството за економија и труд, во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за труд (ДИТ), во дел од Јавното обвинителство, во Водостопанство и во други институции во јавниот сектор, како и кај голем број работници во приватниот сектор.
„Има многу причини ‘за’ и ниту една ‘против’ излегувањето на протест на 1-ви Мај. Денеска за жал, огромен број работници во приватниот сектор немаат добиено плата за месец март. Денеска огромен број институции во јавниот сектор немаат добиено плата за месец март. Нашите сознанија се дека голем број од работниците после велигденски празници за жал се уште немаат добиено плата и биле оставени со празна трпеза и за време на празникот“, рече Трендафилов.
„Вработените во културата кои вчера излегоа на протест до утринава немаат добиено плата, моите податоци се дека вработените за жал во Министерствотo за економија и труд се уште не ја добиле нивната плата, а особено е сериозно тоа што немаат плата ниту вработените во инспекторатите кои треба најмногу да помагаат на работниците и да ги спречат сите неправилности при исплаќањето на платите во приватниот и во јавниот сектор. Исто така немаат добиено плата, вработените во Водостопанство каде што во последно време имаше голем притисок врз работниците да се отчленуваат од ССМ и да се зачленат во друг синдикат “, рече Трендафилов.
Напомена дека во овој случај работниците имаат право да поднесат тужби врз основа на колективните договори, но рече дека она што според него е загрижувачко е тоа што некој сака да предизвика крах на државниот буџет преку тужбите од страна на адвокатските канцеларии кои потоа би зеле огромни адвокатски трошоци.
“Работниците имаат право на тужби врз основа на колективните договори, но нас не загрижува е тоа што некој свесно сака да предизвика крах на државниот буџет преку тужбите од страна на адвокатски канцеларии и адвокати кои потоа за адвокатски тарифи би зеле огромни адвокатски трошоци”, за крај рече Трендафилов и додаде:
“Ако тоа што не ви е исплатена плата не е доволен мотив за да не поддржите и со тоа сами да се поддржите и да си помогнете, тогаш не знам што би бил поголем мотив за работниците во Македонија да излезат на најавениот 1-во Мајски Протест на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и заедно рамо до рамо да се избориме за остварувањето на сите наши барања”.