Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Панел Дискусија „Ранливите работници по Корона-тобоган”

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, дарко Димовски учествуваше на панел дискусијата „Ранливите работници по корона тобоган” која се одржа на 10.06.2021 година во организација на Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк.

На настанот свои обраќања имаа Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачите на Македонија, Даниела Зампини, специјалист за вработување во Меѓународната организација на трудот и Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на ФООМ.

Претседателот ССМ, Дарко Димовски на денешната панел дискусија „Ранливите работници по корона-тобоган“ потврди дека најголем губиток на работни места се оние со договори на определено време.

Вкупно 7.500 работници останале без работни места во вториот и третиот квартал изминатата година во споредба со истиот период во 2019 година.

-Ние како Сојуз на синдикати на Македонија во новиот закон за работни односи преговараме и се бориме договорите на определено време да траат најмногу една година баш поради овие причини и ќе застанеме на тој став и тие договори да може да се продолжуваат во годината максимум двапати бидејќи не може во едно претпријатие само директорот и менаџерот да бидат пријавени на неопределено време, а сите останати работници да бидат со договори на определено време. Така работникот не може да си ја планира иднината, нема здравствено осигурување, и затоа тој бара решение во Европа односно во ЕУ затоа и добар дел на квалификувани добри работници ја напуштаат нашата држава, потенцира Димовски.

Соопшти дека најмногу откази има во угостителството, текстилот, како и во градежништвото.

-Сега гледаме дека дел од ковид мерките се ослободија, се бараат голем дел на работници поготово во угостителството, туризмот и градежништвото, но пак ќе кажам нашите работници кога останаа на улица за време на ковид пандемија не сакаа да се вратат кај тие газди бидејќи ги оставија без егзистенција во период кога најмногу им беа потребни, заклучи тој.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.