- Македонски
- English

Одлучноста на ССМ во барањето за зголемување на мининалната плата на 18.000 денари денеска резултираше со 90 гласа „За“ и ниту еден против, Собранието да ги усвои Предлог измените за дополнување на Законот за минимална плата
Им се заблагодаруваме пред се на работниците кои ни беа поддршка и излегоа на протестот на 12.12.2021 година на дожд и на студ јасно ја упатија пораката заедно со нас до сите чинители дека платите мора да растат, им благодариме на нашите социјални партнери Владата и работодавачите кои имаа разбирање за потребите на работниците, на поддршката на еминентните професори и ФЕС кои помогнаа и ја изработија Анализата која значително придонесе за аргументираните ставови и барања на ССМ да бидат прифатени, а значајна беше поддршката од пратениците и политичките партии кои јавно и недвосмислено го поддржаа предлогот на ССМ доставен до Собранието.
Во изминатиот период ги обединивме сите, здружени со иста цел да зборуваат за повисоки плати на работниците и за унапредување на работничките права, слушнавме и многу ветувања кои очекуваме веднаш да се реализираат, а за жал имаше и такви кои беа против платата на работниците и кои работниците ќе ги паметат
Сојузот на синдикатите на Македонија не губи време и до социјалните партнери веќе упати писма со цел да укаже на обврската која тие како работодавачи и досега ја имаа кога станува збор за постапување согласно член 8 од Законот за минимална плата и усогласување на платите на вработените согласно измените на висината на минималната плата односно скалесто зголемување на сите останати плати на работниците.
Укажуваме дека постапката на усогласување на колективните договори, односно скалестото зголемување на сите плати на вработените во институциите и компаниите мора да следи веднаш по донесувањето на измената на Законот за минимална плата согласно која од март 2022 година висината на минималната плата изнесува 18.000 денари.
ССМ будно ќе ја следи имплементацијата на Законот за минимална плата и предупредува дека доколку работодавачите од приватниот сектор, локалната власт и централната власт не постапат согласно член 8 од Законот за минимална плата ќе бидеме принудени да преземеме постапки пред надлежните државни органи, а ќе бидат поднесувани и кривични пријави против работодавачите кои свесно ќе ги намалуваат работничките права и нема да ги почитуваат Законот и колективните договори особено во делот на зголемување на платите и ќе побараме од институциите енергични, брзи и ефикасни мерки за доследно спроведување на законот во насока на остварување, заштита и унапредување на работничките права.