- Македонски
- English
На 2-ри Септември 2024 година се одржа седница на Претседателството на ССМ во присуство на Питер Шерер советник на Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикатите (ETUC). На седницата на Претседателството на ССМ, учествуваше и на Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), Естер Линч.
На седницата беа разгледани прашањата во врска со конфискација на имотот (Работнички дом) – зградата на ССМ , состојбата со платите и социјалниот дијалог во државата.
По одржување на седницата Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), Естер Линч одржаа прес-конференција за медиумите.
Генералната секретарка на ЕТУК која претходно беше запознаена со активностите кои ССМ ги презема преку институциите на системот за поништување на незаконитата одлука на Врховниот суд за одземањето на имотот, зградата Работнички дом сопственост на ССМ, истакна дека синдикалната сопственост е неприкосновена и е значајна за синдикалната самостојност.
Нејзините очекувања се судството да покаже стручност и независност во донесување на правилна одлука за заштита на синдикалниот имот затоа што Работничкиот дом е изграден од средства на членовите на Синдикатот (ССМ) и според тоа е легитимно, разумно и оправдано веќе да не се доведува во прашање сопственоста на истиот. На овој начин ССМ повторно ја доби поддршката од Европската конфедерација на синдикатите (ETUC) во борбата за спас на својот имот - Работничкиот дом во Скопје.
-Во овој случај којшто се води во судовите се покажа дека Синдикалниот дом е изграден од членовите на Синдикатот (ССМ) и според тоа е легитимно, разумно и оправдано веќе да не се доведува во прашање сопственоста на Синдикалниот дом, наведе Естер Линч во своето обраќање пред медиумите.
Тука сме, дополни, да им помогнеме на нашите членки синдикати во оживувањето, во враќањето и во водењето на вистински социјален дијалог, меѓутоа важни се и власта, важни се и работодавачите и тие мора да бидат подготвени за вистински социјален дијалог.
- Синдикатите се легитимниот претставник на работниците и ние сме тука да ги поддржиме во нивната борба за достоинствени плати и за достоинствени услови за работа. Тука сме да стоиме рамо до рамо со нашите членки синдикати во борбата против 72-часовна работна недела и за недела како неработен ден. Научните истражувања покажуваат дека ова доведува до небезбедни работни услови и до услови коишто ги зголемуваат сите други ризици при работа, рече Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), Естер Линч.
Раководството на ССМ кое доби поддршка од Европската конфедерација на синдикатите (ETUC) и во борбата за спас на Работничкиот дом, е со очекување што побргу да биде променета пресудата за конфискација на синдикалниот дом.
Една од причините поради која очекуваат брза одлука за враќање на Работничкиот дом на ССМ, како што наведе, е токму поради потврдата за корупција на еден од судиите кој ја донесе срамната пресуда за конфискацијата. Имајќи ги предвид случувањата околу конфискацијата на зградата на ССМ рече дека како претседател на ССМ би дал безрезервна поддршка за распуштање на Судскиот совет истакна Претседателот на ССМ Трендафилов.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во своето обраќање истакна дека борбата за раст на платите не е политичка и дека е тоа барање за достоинството на работниците, кое не треба да се политизира од ниту еден субјект. Воедно Претседателот на ССМ Трендафилов повика преку социјален дијалог да се решат сите проблеми, а растот на платите и на минималната плата да биде највисоко во агендата на новата Влада.
„Нашата борба за раст на платите и склучување на колективните договори не е политичка борба како што некој сака да ја претстави. Нашата борба е за достоинствен живот од нашиот труд за достоинствени плати кои ќе ни овозможат да преживееме на крајот на месецот. Нашето очекување за раст на платите и за усогласување на платите во согласност со предвидените одредби е потреба што требаше да се случи вчера, а утре може да биде доцна. Од тие причини повикуваме да седнеме на заедничка маса и по пат на социјален дијалог, како социјални партнери да најдеме решение на сите проблеми и предизвици“ –изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
ССМ побара склучување на колективни договори и на нивни анекси, со цел, вработените во Македонија да ја добијат пресметката на плати која ја добиваат функционерите, да добијат просечна плата по коефициент на сложеност, а со тоа и раст на нивните плати помеѓу 12 и 15 проценти наредната година.
-„Денес очекуваме од Владата како социјален партнер да се потруди да обезбеди финансиски средства, да изнајде начин и можности за усогласување на платите на многу наши колешки и колеги особено во јавниот сектор во дејности кои се нужни и неопходни, а кои за жал токму поради изборниот процес не добија никакво усогласување на нивните плати. Повикуваме на почитување на колективните договори и на социјален дијалог преку кој ќе успееме да ги пренесеме нашите очекувања и нивните можности и да најдеме решение кое ќе значи добро за работниците. Се во спротивно ќе биде исклучиво на штета на работниците а со тоа и на штета на државата“, наведе Трендафилов.
ССМ, потенцираше, бара склучување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, потпишување на анексите на колективните договори за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор, како и раст на минималната плата која за жал се политизира, иако не треба ниту еден работник да прима плата под овој праг.
Идните чекори на ССМ ќе бидат во насока на поддршка на сите идни синдикални акции на гранските синдикати кои се борат за растот на платите на нивните членови во дејностите кои не добија никакво усогласување и потребата од растот на минималната плата која требаше да се зголеми уште вчера.
-„На 1 мај кога го изнесовме ова важно прашање за работниците и за сите останати важни прашања немавме влада во сила и тогаш кажуваме дека ќе дојде денот кога нашето барање за 450 евра минимална плата ќе стане минато и дека во иднина ќе треба да зборуваме за раст на минималната плата во висина од 600 па дури и 800 евра имајќи во предвид дека македонските работници најмногу заминуваат на работа во Црна Гора, БиХ, Хрватска и Словенија. ССМ ќе презема активности токму во насока на тоа, синдикатите кога ќе донесат одлука за некаква синдикална акција како што впрочем имаме и денес во Битола, кога ќе протестираат нашите колешки и колеги од Независниот синдикат за образование и наука, како што денес штрајкуваат вработените во МАНУ, ќе ја дава безревервната поддршка и доколку потребно рамо до рамо со нив ќе застанеме и на улиците. Сметатем дека има можност и ќе имаме разбирање за растот на платите на вработените во државата“, рече Трендафилов.
Минималната плата, потенцира тој, не треба да го загрижува никој, тоа е само праг под кој не смее да се исплати плата во Македонија. За жал, во Македонија, 10 000 работници примаат плата помалку од 22 567 денари, а 25 000 примаат минимална плата што е не само незаконски туку е и кривично дело, рече претседателот на ССМ.
Во своето излагање г-ѓа Линч истакна дека ССМ и останатите синдикати се легитимниот претставник на работниците и дека ги поддржува во нивната борба за достоинствени плати и за достоинствени услови за работа, дека е против 72-часовна работна недела и дека се залага за недела како неработен ден, пред се заради тоа што научните истражувања покажуваат дека ова доведува до небезбедни работни услови и до услови коишто ги зголемуваат сите други ризици при работа.
Тука сме да стоиме рамо до рамо со нашите членки синдикати, нагласи Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), Естер Линч и истакна дека како претставници на ЕТУК се дојдени во Република Македонија да дадат поддршка на ССМ и другите синдикати за оживување, враќање и водење на вистински социјален дијалог и воедно ги повика и Владата и работодавачите да ја покажат и нивна подготвеност за да е можна реализацијата на реален и продуктивен социјален дијалог со Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) како единствениот репрезентативен синдикат во нашата држава и останатите синдикати.