Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Порака до креаторите на политики од Иван Пешевски, претседателот на СГИП за публикацијата Предизвици на Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje

Иван Пешевски, претседателот на СГИП за публикацијата Предизвици на Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje со порака до креаторите на политики

Ако овие податоци не се доволни за креаторите на политиките веднаш да преземат мерки за помош и поддршка на работниците, верувам дека ќе имаме уште посиромашни работници, а со тоа не се исклучува и можноста за социјална револуција.

Многу тесно поврзано и, секако, нераздвоен елемент од сето ова е можноста за иселување и на тие работници коишто се останати во земјава. Особено концептот за „Отворен Балкан“ ќе даде можност за подобри плати, но и за нова можност нашите вработени својата кариера да ја градат на друго место, да градат други економии. Сето погоре наведено го илустрира проблемот со неатрактивните плати наспроти тешките и ризични работни места, што резултира со одлив на работната сила којашто со ништо повеќе нашата држава не може да ја надомести. Образованието на кадар ја чини многу државата, но во вакви услови тој лесно се испушта и се предава на друг како готов производ. Ова е сериозно проблематично време за наоѓање квалификуван кадар во било која дејност. Секторот градежништво веќе одамна нема работна сила, ниту, пак, на пазарот сме актуелни за работници мигранти од третиот свет.

Она што може со сигурност да кажам, всушност е констатација од претходниот период кога голем процент од работоспособното население ја напушти државата и се вработи во високоразвиените западноевропски земји, но и подалеку. Запрепастуваат статистичките податоци за младите луѓе коишто заминаа, за иселувањето на генерално квалификуван кадар, и тоа од едноставна причина што останатите земји имаат повисок животен стандард, поголеми лични примања.

Во вакви околности сметам дека наместо утврдување на вредноста на минималната месечна плата, потребно е утврдување на минимум вредност по работен час. Секако, законските решенија можат да трпат промени кон подобро, но многу поголем проблем е тоа што и такви, какви што се, во голема мера не се почитуваат. Оттука произлегува и големата стапка на сива економија што прави нелојална конкуренција кон работодавачите и работниците кои чесно си ја вршат својата дејност. Најголем дел од вината за ова ја гледам кај Државниот инспекторат за труд кој одамна нема капацитет, или можеби волја и професионалност, да го покрие пазарот на трудот.

Сојузот на синдикатите на Македонија, како релевантен социјален партнер ги поддржува напорите што се преземаат од државните институции за ублажување на невработеноста во земјата. Секоја година даваме поддршка на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, со заложба да се креираат што повеќе различни мерки што ќе помогнат за обезбедување повеќе можности и начини за вклучување на што поголем број невработени лица. Свесни сме за тоа дека поголемиот број од активните мерки имаат за цел да ја подобрат вработливоста на невработените, (обуки, преквалификации, практиканство, обуки за водење бизнис, итн.), да овозможат невработените да се стекнат со корисни вештини (основни и специфични) потребни за извршување на работните задачи. Само на ваков начин невработените лица ќе станат обучена работна сила. Ќе станат атрактивни и прифатливи за работодавачите. Ќе успеат побрзо да најдат прифатливо работно место и да го изменат статусот на невработен. Затоа, Сојузот на синдикатите на Македонија секоја година се залага и бара да се издвојат што е можно повеќе финансиски средства за активните политики, за да може да се зголемува опфатот на лицата со предвидените мерки, но и се даде можност за креирање на нови мерки, наменети за интегрирање и на некоја ранлива група од невработените лица.

Целосната анализа можете да ја погледнете на линкот:

https://skopje.fes.de/mk/publikacii

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2022 | Сите права се задржани.