Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Поразителен е фактот дека скоро 80% од вработените во Агенцијата за администрација имаат пониска плата од просечната плата на државата.

Синдикатот на УПОЗ и Синдикалната организација при Агенцијата за администрација изразуваат длабока загриженост за состојбата во која се наоѓаат вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенција за администрација.

Овие вработени кои се темелот на институционалното функционирање на државата секојдневно со години наназад се соочуваат со притисоци (институционални, административни, политички, јавни и психолошки), а токму овие вработени ги спроведуваат постапките за вработување во јавниот сектор.

Одговорноста при извршувањето на работните задачи во услови на притисоци и кратки рокови која ја имаат овие вработени е огромна, особено имајќи го предвид фактот дека заклучно со 09.07.2025 година, бројот на објавени огласи за вработување на административни службеници изнесува 730, а голем број од овие јавни огласи се објавени за повеќе работни места, односно извршители.

Ова е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација, видно од годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација, објавени на нејзината веб страница.

Со години наназад пред распишување на сите досегашни избори, а и оваа година, за да се завршат огласите пред да се распишат локалните избори, вработените од Секторот за селекција во Агенцијата за администрација работат под исклучително голем притисок кој произлегува од спроведувањето на постапките во многу кратки рокови, што директно влијае на нивното ментално и физичко здравје како и попречување на нивното нормално функционирање надвор од работното време.

Поразителен е фактот дека скоро 80% од вработените во Агенцијата за администрација имаат пониска плата од просечната плата на државата, како и фактот дека одливот на вработени се зголемува секоја година, а за разлика од другите институции, во Агенцијата за администрација не се одобруваат средства за унапредувања и нови вработувања, а вработените во Агенцијата за администрација се потценети и преоптоварени, исцрпени, со преголем обем на работа.

Бројката од 730 огласи се зголемува од ден на ден и може да надмине и 1000 огласи, па прашуваме:

- Зошто наместо 730 нови огласи средствата не се предвидоа за зголемување на платите на вработените во Агенцијата за администрација и останатите вработени во државната управа?

- Ова ли е реформата во јавната администрација која ќе биде по стандарди, а не по имиња?

Имајќи предвид дека секоја објава на јавен оглас за едно работно место чини најмалку од 15.000,00 до 20.000,00 денари во еден дневен весник (околу 60.000,00 денари во 3 весници), институциите како од централната така и од локалната власт си дозволуваат да ги запираат огласите без притоа да наведат образложение за запирањето и истите веднаш потоа повторно да ги објават дури и по неколку пати со што директно се создаваат непотребни финансиски импликации врз државниот буџет и врз буџетот на локалните власти.

Поради наведеното, доколку најитно не се преземат понатамошни чекори за решавање на долгогодишните проблеми со кои се соочуваат вработените во Секторот за селекција на кандидати за вработување во Агенцијата за администрација од страна на надлежните институции, ќе се пристапи кон прекин на работниот процес во знак на протест заради немање на слух за решавање на нивниот долгогодишен проблем, односно зголемување на платите на овие вработени за најмалку 30% .

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.