- Македонски
- English
ПОТРЕБЕН Е РАСТ НА ПЛАТИТЕ ВЕДНАШ
Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78% .
Работниците бараат достоинствен живот за себе и своите семејства ,тие се неопходен дел од процесот на создавањето на капиталот во компаниите и важен дел на општествените и економските односи во државата .
Укажуваме дека минималната плата во регионот, во Црна Гора каде што изнесува 450 евра, Србија 423 евра, Босна и Херцеговина (Р.Српска) 450 евра, Хрватска 840 евра (бруто), Словенија 1.253,90 евра (бруто), Албанија 385 евра, а потсетуваме дека Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари (367 евра) и сè уште е најниска во регионот, како и просечната плата, што е навистина премалку за овозможување достоинствен живот на работниците.
Поради тоа работниците бараат и очекуваат минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 денови на новата Влада како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението како и за спречување на одливот на работната сила во Државите од регионот.
ССМ укажува дека само со обезбедување на континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор врз основа на егзистенцијалните потреби на работниците и нивните семејства и реалната состојба на економските и пазарни параметри, економскиот развој, инфлацијата, трошоците на живот и цените на основните животни продукти ќе се врати достоинството на работниците.
Укажуваме дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките права.