- Македонски
- English

ПОТРЕБНО Е ЗАЈАКНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТКИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ


Претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) учествуваат на конференцијата „Зајакнување на социјалниот дијалог и индустриските односи во земјите кандидатки за членство во Европската Унија“.
На конференцијата на кој учествуваат претставници на социјалните партнери од Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија, од ССМ учествуваат претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потпретседателот на ССМ за јавен сектор и претседател на УПОЗ, Трпе Деаноски, како и потпретседателот на ССМ за приватен сектор и претседател на СГИП, Иван Пешевски.
Во рамки на дискусиите, претставниците на ССМ ги информираа претставниците на Европската конфедерација на синдикатите и и претставниците на Бизнис Европа за состојбите со социјалниот дијалог во Македонија, укажувајќи дека тој сè почесто се сведува на форма, без вистинска суштина и без суштинско вклучување на синдикатите во процесите на креирање политики и носење одлуки што директно ги засегаат работниците.
Посебно беше истакната практиката на донесување нови закони и изменување на постојните законски решенија без претходна суштинска дискусија и консултација на Економско-социјалниот совет, со што се поткопува улогата на социјалниот дијалог и се ограничува можноста синдикатите навремено да ги застапуваат интересите на работниците.
Претставниците на ССМ информираа и за притисоците и нападите врз синдикатите поради нивното залагање за зголемување на минималната плата и за подобрување на животниот стандард на работниците.
Беше нагласена потребата од почитување на синдикалните права, слободата на синдикално организирање и правото на синдикатите самостојно да ги застапуваат интересите на работниците, без притисоци и обиди за нивно замолчување.
ССМ истакна дека вистинскиот социјален дијалог подразбира навремени консултации, почитување на ставовите на социјалните партнери и реална можност нивните предлози да влијаат врз конечните законски решенија. Социјалниот дијалог не смее да биде само формално исполнување на процедурата, туку механизам преку кој се обезбедуваат подобри работнички права, повисоки плати и поголема социјална правда.
Конференцијата е организирана во рамки на соработката на европските социјални партнери – Европската конфедерација на синдикати (ETUC), BusinessEurope, SMEunited и SGI Europe – и е насочен кон јакнење на капацитетите на социјалните партнери и унапредување на социјалниот дијалог во земјите кандидатки за членство во Европската Унија