Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПОВИК НА МАСОВЕН СИНДИКАЛЕН ПРОТЕСТ НА 1-ви МАЈ 2022 г / 12.30 ч

Почитувани работнички и работници,

Почитувани браќа и сестри синдикалци,

Почитувани борци за работнички права,

Во име на вековната борба за работничките права, а предизвикан и инициран од сложените економски и општествени состојби во државата, Сојузот на синдикатите на Македонија го повика своето членство, работниците и граѓаните, Ве повикува и Вас како наши браќа и сестри синдикалци и борци за работотнички права на протест кој отпочнува токму на Меѓународниот ден на трудот – Први мај.

Сојузот на синдикатите на Македонија повикува и организира голем работнички протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови и работниците од работниот однос.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на неговите највисоки органи и тела ( Претседателството и Советот на ССМ) едногласно одлучи на 1 Мај 2022 година да организира масовен синдикален протест со кој ќе се изрази револтот кај работниците од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај 2022 година, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата.

Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор како и за креирање на нови визии и перспективи.

Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците.

Ги повикуваме сите работници, братските синдикати ( Конфедерации, Унии и Сојузи ) кои ги препознаваат нашите вредности и заложби за зголемување на платите да се приклучат во борбата заедно со семејството на ССМ, и заедно како семејство на рамноправни членови, синдикати, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат и на 1ви Мај 2022 година да излезат на голем синдикален протест на кој ќе кажеме гласно дека зголемувањето на платите на работниците мора да се случи веднаш

Протестот ќе започне на 01.05.2022 година во 12.30 часот во Скопје пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат од зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија ( ул. Мирче Ацев) кон Собранието на Република Северна Македонија (Бул. Филип Втори Македонски и ул. 11 Октомври), а потоа ќе продолжи (ул. 11 Октомври и Ул. Димитрие Чуповски) кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанска комора на Македонија и ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат упатени барањата на работниците.

Со надеж за единство во заедничката борба, Честит празник

Со почит,

Сојуз на синдикатите на Македонија

Претседател

Дарко Димовски

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2022 | Сите права се задржани.