- Македонски
- English

Во првите шест месеци од 2009 година правна помош побарале 14.156 работници, додека вкупниот број обраќања изнесува 18.991, гласат податоците на Секторот за работни односи и правна заштита на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Иако е рано за споредба меѓу 2009 и 2008 година се забележува тенденција на влошување на состојбата со работничките права. Имено, во целата 2008 година бројот на предметите изнесува 31.650, додека околу 60 отсто од минатогодишната бројка е остварена само во првото полугодие на оваа година.
Треба да се знае дека одреден број жалби се пренесени од претходниот период. Исто така и дека бројот на постапки е поголем од бројот на лицата кои бараат помош, затоа што има случаи еден работник да се жали по неколку основи (за плата, придонеси, годишен одмор). Оттаму разликата меѓу лицата кои бараат помош и вкупниот број превземени правни дејства.
Правната заштита се остварува преку Секторот за работни односи и правна заштита, преку регионалните синдикални совети и канцеларии и преку гранските синдикати здружени во ССМ. Обично позитивно се решаваат околу 80 отсто од сите постапки. Позитивно решените предмети, во корист на работниците, се решаваат преку склучување спогодби, со добиени судски пресуди, со поднесување приговори, со давање совети и мислења и со други видови интервенции.
Според поодделни основи најголем број обраќања се за неисплатени плати – 5.822, потоа за неуплатени придонеси во Фондот за ПИОМ – 4.281, за отказ од деловни причини – 1.850 и 1.458 за неисплатен надомест за храна. За здравствено осигурување има 1.066 обраќања, за надомест за превоз 1.006, за повреда на синдикални права 1.002, за стечај 889, за принуден одмор 420, за регрес за годишен одмор 416, за промена на договор за вработување 319, за отказ од лични причини 209, за прекувремена работа 200, за парична казна 37 и за засновање на работен однос 16 обраќања.
Правните застапници на ССМ во првото полугодие ги превзедоа следните дејствија: 7.408 совети, 3.079 мислења, 845 изготвени барања, 518 приговори, 412 тужбени барања, 428 расправи, 75 жалби, 265 поднесоци, 129 пресуди, 36 спогодби, 16 вонредни правни лекови, 255 дописи до инспектор, 256 управни постапки, девет дописи до јавен обвинител, три предлози за извршување и три предмети поврзани со стечаи.
Од податоците се согледува дека луѓето и понатаму во голем број проблемите од работен однос ги решаваат со водење судски постапки. Во ССМ сметаат дека позитивните судски пресуди ги охрабруваат членовите да ги бараат своите права на суд. Меѓутоа, подобри решенија се создавање чувство на одговорност кај работодавачите и спогодбено решавање на работните спорови, со што би се избегнале непотребните судски трошоци.
Поделено по синдикати најголем број обраќања се од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство – 5.786, потоа од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – 4.182, од Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија - 2.214, од Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс – 1.896, од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитни друштва – 1.591, од Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика – 1.287, од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани – 970, од Синдикатот на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија – 212, од Мултиетничкиот синдикат за образование – 166, од Синдикат за хемија, неметали и метали – 155, од Синдикатот на работниците од трговијата – 153, од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита – 122, од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски – 86, од Синдикатот за финансиски дејности – 80, од Синдикатот од енергетиката и стопанството – 61 и од Синдикат на поштенските и телекомуникациските работници – 11 обраќања.