Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов зборува за проблемите на работниците во приватниот сектор

ССМ: Проблем не се само ниските плати, туку и штетните одредби за работниците

Општиот колективен договор не е обновен, а работодавачите не сакаат да седнат за нов и заговараат кратење и на стекнатите права. Една деценија се најавува, а не се носи нов закон за работни односи. Особено се манипулира со работа на определено време, забележува Ѓерасов
Покрај за зголемување на платите, Сојузот на синдикати бара од работодавачите да седнат на иста маса и да преговараат за нов Општ колективен договор за стопанството што не е обновен, како и за нов закон за работни односи, кој се договара веќе една деценија, вели во интервју за „Слободен печат“ Игор Герасов, потпретседател на ССМ за приватниот сектор, кој воедно е и претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), а под негова синдикална надлежност се и компаниите во технолошко-индустриските развојни зони. Тој истакнува дека има одредби што се на штета на работниците, а кои се злоупотребуваат од работодавачите. Особено ја истакнува законската одредба за работа на определено време, дури од пет години.

– Се склучуваат договори за вработување месец за месец. Во зоните ни се случувало да разговараме со некого за синдикално организирање, па да не му го продолжат договорот. Им се јавуваат на телефон, „сега дојди на работа, сега немој“. Им одбиваат потоа денови од одмор, па не може луѓето да си го планираат. Нашето синдикално барање е работа на одредено време да биде најмногу до една година, доволен период за да се види дали некој добро работи – вели Герасов.

– Јас ќе се вратам на три-четири години наназад кога минималната плата беше 15.000 денари и се зголеми на 18.000 денари. И тогаш на состанокот на кој присуствував на Економско-социјалниот совет и работодавачите и вицепремиерот беа против нашето барање. Претставниците од власта ја напуштија седницата, па едно време им текна дека се домаќини, па се вратија. И тогаш плачеа дека ќе се затворат компаниите, дека нема економска исплатливост, па еве гледаме дека на секоја една затворена компанија, се отвораат по две нови – вели Герасов.

– Ако во некој сектор, на пример во текстилниот, има проблеми, ние како синдикат треба да седнеме секторски и да видиме дали растот на минималната плата реално ќе го оптовари многу бизнисот. Но, ако ги видиме параметрите, еве од секторот од кај што јас доаѓам – од индустријата, енергетиката и рударството, и покрај тоа што сме на удар и од Европската Унија за челичните квоти, а и кризата во Украина се одразува на металниот сектор, нашите компании имаат работа и остваруваат профит. Само во рударскиот сектор чист годишен профит на компаниите што се концесионери во оваа држава е околу 260 милиони евра. Зошто тогаш да не се зголеми минималната плата? – прашува Претседателот на СИЕР

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.