Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ, ДИМОВСКИ НА СРЕДБА СО РАБОТНИЦИТЕ ОД МОДА ОД СВЕТИ НИКОЛЕ

Денеска, во Свети Николе, претседателот на ССМ, Дарко Димовски, градоначалникот, Сашо Велковски и Советникот во Владата, Милан Живковиќ остварија средба со работничките на кои поради истекување на времетраењето на Договорите за вработување на определено време, работодавачот не им ги продолжил договорите како и работниците кои во моментот се на привремен принуден одмор.

Работниците, меѓу кои има самохрани родители, родители на деца со посебни потреби, работници кои работат со скратено работно време, укажуваат дека врз нив се врши притисок по завршувањето на привремениот принуден одмор да потпишат некакви решенија за технолошки вишок како и тоа дека веќе некој ги ставал на некакви списоци за пригласување на технолошки вишок.

ССМ како што тоа беше случај и со другите ,,газди" за кои имаше поднесено пријави од работниците и во овој случај ќе ги преземе сите законски мерки против таквиот работодавач во соработка со сите надлежни судски и државни институции и органи, а се со цел обезбедување на правата на работниците утврдени со закон и колективен договор.

За жал на ваков начин се покажува дека оправдано е нашето барање за скратување на времетраењето на Договорите за вработување од 5 на 1 година и на тој начин да се обезбеди социјална сигурност за работниците особено поради се почестите злоупотреби на овој механизам од страна на несовесните газди.

На работниците им укажуваме дека канцеларијата на ССМ во Свети Николе во текот на утрешниот ден од 7.30 до 16.00 часот ќе биде отворена за сите работници во врска со нивната потреба од добивање на бесплатна правна помош од ССМ.

Ќе ги следиме постапките на работодавачот во наредниот период и доколку истиот постапува спротивно на закон и колективен договор, најостро ќе реагираме.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.