Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ ТРЕНДАФИЛОВ НА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ДУРМИШИ

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ ТРЕНДАФИЛОВ НА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ ДУРМИШИ

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, придружуван од Претседателот на СГИП Иван Пешевски, Претседателот на АГРО Синдикат Игор Китаноски, Претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски, Претседателот на СТКЧ Љупчо Радовски и Генералниот Секретар на УПОЗ Бојан Трипуноски остварија средба со Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов истакна дека во наредниот период главна цел на новото министерство и на новиот министер треба да биде заштита и унапредување на работничките права, дека главен акцент треба да биде ставен на потпишувањето на колективните договори, дека се потребни заложби од новата Влада за постојан раст на платите, а особено укажа на потребата до крајот на годината да се утврдат коефициентите на сложеност на работните места за работниците во јавниот сектор да ја добијат пресметката на платите по принципот на функционерските плати, а тоа е просечна плата по коефициент на сложеност која ќе се применува од месец март наредната година.

Претседателот на ССМ Трендафилов напомена дека работниците очекуваат зголемување на минималната плата, а следствено на тоа и зголемување на останатите плати и укажа дека приватниот сектор може да го издржи тоа особено поради фактот што изминатите 3 месеци цените растат и без раст на платите па од тука не држи изговорот дека платите ќе предизвикаат раст на цените, дека работодавачите енормно го зголемија капиталот на сметка и на грбот на работниците, дека државата треба да води сметка да ја сузбие непријавената работа со што буџетот е оштетен за повеќе од 200 милиони евра по основ на неплатени придонеси за социјално осигурување и да не се дозволи работниците да бидат доведени во состојба да работат, а да бидат сиромашни и да не можат да си ги овозможат најмалку основните потреби предвидени во Синдикалната минимална кошница.

Нагласи и дека е потребно да функционира Економско - социјалниот совет и да продолжи со работа Комисијата за утврдување на репрезентативност.

Истовремено, укажа дека и покрај тоа што ССМ не е вклучен ,со внимание го следи процесот на подготовка и усвојување на ребалансот на Буџетот во кој задолжително мора да се предвидат средства за раст на платите поради тоа што вработените во здравство, полиција, образование и др. кои не добија усогласување на нивните плати оваа година.

Наша заедничка цел која е од голема важност за Министерството за економија и труд е градење на партнерски однос со сите засегнати страни истакна Министерот Дурмиши.

Претставниците на синдикатите секогаш ќе имаат отворена врата во Министерството за економија и труд, како и отвореност за соработка за постигнување на јавен дијалог кој ќе биде во интерес и на работниците, но и на приватниот сектор.

Министерството за економија и труд ќе продолжи посветено да работи на подобрување на социјалниот дијалог кој е од особено значење за нашите економски и социјални политики, при нивното креирање ќе ги имаме предвид интересите и на работниците и на бизнис секторот, се со цел подобрување на живитниот стандард на граѓаните.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.