Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Претставници на ссм во економско - социјалниот совет се живко митревски и пеце ристевски

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски и претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство Пеце Ристевски се претставници на ССМ во Економско - социјалниот совет на Република Македонија. Изборот на двајцата членови во ЕСС е потврден со Одлука на Претседателството на ССМ.

Да потсетиме дека завчера, на 25 август, во Владата на Република Македонија беше потпишана Спогодба за основање на Економско - социјален совет на Република Македонија. Потписници на спогодбата од страна на Владата се заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, од страна на синдикатите претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Растко Мишковски, додека од страна на работодавачите претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Димитар Стојановски.

Сите потписници изјавија дека ЕСС е голем чекор напред во уредувањето на социјалните и економските односи во државата во европски социјален дух. Инаку досегашна пречка за формирањето на ЕСС беше утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите и на организациите на работодавачи, но условот е исполнет со добивањето решенија за репрезентативност на  ССМ, КСС и ОРМ.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.