Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОТЕСТ НА СКРМ ПРОТИВ УКИНУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР

Нема да молчиме и ќе продолжиме да се бориме за нашите права, порача Синдикатот на културата на Република Македонија од протестот што се одржа денеска пред Министерството за култура и туризам во Скопје.

Под мотото дека молчењето е злочин кон сопственото достоинство, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) денеска одржа масовен протест пред Министерството за култура. Културните работници алармираат дека по цели три децении борба за системско уредување на нивните права, денес се соочуваат со обид за целосно укинување на единствениот функционален Колективен договор во овој сектор.

Од Синдикатот истакнаа дека овој пат не станува збор само за платите, кои веќе втора година по ред се кратат, туку за зачувување на достоинството на 2.300 вработени. Тие потсетија дека пред шест години со огромен ентузијазам изградија систем кој требаше да биде стандард за сите други дејности, а денес истиот се претставува како „проблематичен“ само за да се оправдаат кратењата на средствата.

,,Повторно сме овде – и оваа година, пред овие порти на Министерството за култура. Ќе има ли конечно мир за нас, културните работници? Ќе нè остават ли конечно  да  работиме без постојано да ни  се создаваат  нови проблеми? Очигледно, ова министерство почитува само една традиција – традицијата на  протести.  Секоја  година  наоѓа  нов  повод  да  нè  собере  токму  овде. Но оваа година поводот е многу поголем. Денес сите ние сме ставени пред свршен  чин.  Загрозени  ни  се  основните  работнички  права.  Овој  пат  не станува збор само за платите, кои веќе втора година по ред ни се кратат. Овој пат се доведени во прашање сите наши изборени права – права за кои заедно се боревме и кои ги изборивме пред шест години, по цели три децении занемарување. Да ги потсетиме – бевме единствениот сектор каде колективните договори се  потпишуваа  само  на  хартија,  а  никогаш  не  се  спроведуваа.  Нашите права зависеа од нечии лични толкувања и волја. Триесет години бевме оставени на маргините на општеството – најниско платени, без уредени додатоци на плата и без основни работнички права.  И  тогаш  бевме  „добри“.  Тогаш  никому  не  му  пречевме.  Никој  не  нè повикуваше на преговори, иако 15 години немавме колективен договор.  Бевме тивки, невидливи – и затоа „прифатливи“.  Денес, кога ги браниме нашите права, одеднаш сме „лошите“. Арогантни. Самобендисани. Неподготвени за дијалог.  А вистината е едноставна: ние не бараме ништо повеќе. Бараме само да ни се остави она што веќе сме го договориле.

Тука сме затоа што правдата не се добива – се бара. 
Нема да молчиме додека ни ги одземаат правата. Нема да прифатиме неправда како ново „нормално“. Нема да дозволиме трудот на 2300 работници да биде избришан со една одлука. Ние  не  сме  бројки.  Ние  сме  културата  на  оваа  држава.  Доста  беше игнорирање.  Доста  беше  понижување.  Доста  беше  носење  одлуки  зад затворени врати! Нема повеќе тишина. Нема повеќе повлекување. Нема повеќе  „ќе видиме“. Ова е  наш  труд.  Ова  се  наши  права.  И нема да ги дадеме! Ако нема дијалог – ќе има уште погласен отпор. Ако нема решение – ќе има уште поголем притисок. Не смееме да застанеме. И нема да застанеме. 
Денес сме тука. Утре ќе бидеме уште повеќе. Сè додека правдата не победи! Да живее Колективниот договор за култура!" - истакна Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска

Денешниот протест доби поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија од каде истакнаа дека „не е во прашање само Колективниот договор за култура“.

Од ССМ велат дека „во прашање се сите колективни договори во кои има утврдено начин и методологија на пресметка на плата, без оглед на тоа дали е просечна или минимална плата по коефициент за сложеност, без оглед на тоа дали е најниска плата по коефициент на сложеност, без оглед на тоа дали е дополнителен % за зголемување на плата, итн“.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.