Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

Другари  синдикалци, симпатизери  и  подржувачи на ССМ , работници и граѓани

Денес е Први мај , ден на трудот , ден на работниците ,  работничките и социјални права.

Во име на вековната борба за работничките права, а предизвикан  и инициран  од сложените економски и општествени состојби во државата , Сојузот на синдикатите на Македонија го повика своето членство, работниците и граѓаните на протест кој  отпочнува  токму на овој ден – Први мај .

Денешниот протест организиран од најстариот и најбројниот синдикат во државата, ССМ, е единствен начин власта да го слушне гласот на сите нас , работниците  и граѓаните  , затоа што во изминатиот период нашите социјални партнери , работодавачите  и носителите на законодавната и извршната власт како да немаат слух за проблемите на народот туку единствено и исклучиво, за жал ,се бават со самите себе.

Време е да им кажеме дека постоиме и дека ние кои  им го дадовме мандатот за одлучување и владеење будно ги следиме нивните чекори , кои во последниот период според нас се безидејни и безперспективни.

Време е да им кажеме дека постоиме и на работодавачите чии производни процеси се реализираат преку нашиот труд и чии приход  зависи од нашата квалитетна, брза и ефикасна работа.

Другари синдикалци , работници и граѓани

Ниеден протест кој го организира ССМ не е стихиен , избрзан и без почитување на законските одредби. Историски гледано ССМ  не започнува протест без да се искористат сите можни преговарачки услови и претпоставки за создавање на баланс помеѓу работниците , Владата и работодавчите  во сите активности за изградба на економските и општествените услови за живеење во државата

Така е и со денешниот протест .

Има многу причини за неговото организирање.

Со месеци наназад укажуваме на стагнирањето на развојот на државата и продлабочување на кризата во сите сфери на живеењето.Укажувавме на тоа дека огромен товар на последиците од економската,здравственаа и  енергетската криза кај нас и во светот , се прелеа единствено  на грбот на работниците .

Денес со овој протест сакаме да укажеме  дека во овие клучни моменти за државата, работодавачите и Владата не покажаа воља , ефикасност и конструктивност што резултираше со  замирање на  социјалниот дијалог преку кој единствено е можано да се креира   правилана и  солидарна распределба на тежината на несаканите последици врз сите сите чинители на државата , а не само и единствено врз грбот на работниците . Товарот на кризата мора да го поднесат сите , а не само   работниците кои поради отсуство на слух за нивните проблеми се доведени до работ на својата издржливост.

Кризата не ја предизвикавме  ние работниците , ние сме на нашите работни места континуирано извршувајќи ги работните задачи , но со нашите плати во услови на енормно зголемување на цените на основните животни артикли и потреби нашиот опстанок е загрозен. И тоа долго трае, без изгледи и потези нешто да се смени ,да појде по нагорна линија и да доведе до  разрешување на проблемите .

Така повеќе нема да  може.

Ви оставивме премногу  време , а  сериозен ангажман од ваша страна, нема.

Сакаме да бидеме дел од сите државни процеси затоа што тоа го заслужуваме ,ние сме дел од тимот без кој не може да се очекува економски развој и просперитет.Нашиот труд е неоходен за сите економски и општествени процеси.Трудот и работата е единственото со кое ние работниците си ја обезбедуваме егзистенцијата , но тој не ни е соодветно вреднуван и почитуван.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор веднаш, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата.

Бараме од Владата потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор во кој ќе биде регулирано зголемувањето на платата како и враќање на изгубеното право на к-15, а истото го бараме и од Организацијата на работодавачи за потпишување на Општиот колективен договор за приватниот сектор.

Незадиволни сме :

Сакаме повисоки  плати ,скалесто  усогласување на  платите со порастот на минималната плата  , намалување на сиромаштијата

Сакаме  поголем број одржливи работни места , пристојна работа , здрави и безбедни услови за работа , социјална сигурност.

Бараме  наше активно учество во креирање на националните политики и стратегии, по пат на социјален дијалог . Бараме  уредување на нашите права од работен однос  со КД како акти во чие донесување активно , стручно и посветено  учествуваме затоа што ние тоа го можеме .

Бараме нов ЗРО, инсистираме на  права од работен однос усогласени со европското и светското законодавство

Ние сме работниците на оваа држава,синдикалци од сите области,професори, градежници , доктори,полицајци, административци , рудари и сите останати  ние сме конструктивен дел од општествените и економските процеси .

Нашиот глас е еднакво важен како и вашиот.

Во ССМ не има од сите дејности во тоа е нашата сила , нашата моќ, ние сме обучени , оспособени и информирани, го нудиме нашиот придонес, но и ги бараме нашите права. При тоа ви укажуваме дека го бараме само нашето , заслуженото , оствареното  и сработеното.

Денес со овој протест сакаме да ве предупредиме дека сме незадоволни од  вашиот игнорантски однос кон синдикатите и работниците , се чувствуваме запоставени и оставени  на маргините на општеството .Притиснати сме и животно загрозени од стагнацијата на државата , не ги гледаме јасно чекорите кои сте должни да ги преземете за развој на економијата и општествените односи.

Озбилноста на состојбата во државата,незадоволството од вашата лоша синдикална политика, вашето одбивање и незаинтересираност за многу пати подадената рака од ССМ во изминатиот период не натераа да се организираме и да ги браниме нашите права.

Ви понудивме законски решенија на нов ЗРО по теркот на европското и светското законодавство ,понудивме законско решение за скалесто покачување на платите на работниците и во приватниот и во јавниот сектор , понудивме нови современи текстови на ОКД за јавен и приватен сектор . За сето ова наидовме на молк од Ваша страна , одолговлекување без причина , бескрајни преговори , без ефект и образложение, единствена понуда од ваша страна беше вашето барање за наше трпение ,трпение без крај.

Денес дојдовме овде од сите страни на државата да ви кажеме дека повеќе нема да чекаме , нашата трпеливост го достигна својот крај , понудивме се за да бидеме цивилизирани и конструктивни , а за возврат не добивме ништо од нашите барања кои се од егзистенцијална природа и карактер .

Сега вие сте на потег , ги добивте нашите барање, од нив не отстапуваме , доказ за тоа е денешниот протест.Членството е сплотено како никогаш досега затоа што правдата е на наша страна , нема да чекаме повеќе , за да не биде сериозно доцна за  сите нас и  нашите права, но и за целокупната економијата и опстанокот на државата.

Ние членовите на ССМ , нашите симпатизери, подржувачи и граѓаните сега и веднаш ги бараме нашите права за кои уште еднаш напоменуваме дека се основни и елементарни , а исто така се одамна целосно заслужени како резултат на нашиот труд , посветеност и продуктивност.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.