Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС 2019 ГОДИНА

                                                                П Р В О М А Ј С К И    П Р О Г Л А С    2019

И овој 1-ви Мај Сојузот на синдикатите на Македонија ја продолжува традицијата на организирање на синдикален марш со кој сакаме да изразиме заедништво и поддршка со синдикатите на Европа и светот во борбата за достоинствен живот на работниците и граѓаните .

Сојузот на синдикатите на Македонија е гласот на работниците во државата и со синдикалниот марш сакаме да  го истакнеме ставот на работниците дека  подржуваме   промени и градење на подобар економски и општествен развој, но не се согласуваме со одредените појави на колебливост, бавност и немотивираност.

Се залагаме за побрзи реакции на владините институции за создавање на клима и услови за стопанисување и економски развој во кој ќе се обезбеди достоинствен, платен, здрав и безбеден труд на работниците.

Се залагаме за отчетност за  реализација на договореното и сработеното од сите институции  и учество на работниците во креирањето на развојот на државата и нејзините приоритети.

Остро го осудуваме секој обид да бидеме ставени на маргините на општеството и да се одлучува за нашата положба и права без наше учество и без почитување и прифаќање на нашите предлози и мислења, затоа што ние синдикатите  сме гласот на работниците.  

Грижата за работничките права е наша статутарна определба и сите наши активности како репрезентативен, најстар и најброен синдикат во државата се насочени кон нивното зачувување и унапредување.

1 ви Мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го искористиме за уште еднаш да ги изразиме нашите ставови и  барања  во врска со работничките права, за кои сметаме и тврдиме дека им припаѓаат на работниците затоа што се работи за основни и најзначајни човекови права заштитени со националниот устав и законите, но и со европските и меѓународните стандарди на трудот .

Работничките барања, кои ние како најброен синдикат во Државата ги презентираме и застапуваме се интернационални затоа што се  егзистенцијални и од нив зависи квалитетот на животот на работникот и неговото семејство.

Во година во која течат активности за изготвување на нов Закон за работни односи очекуваме да бидеме стожерот на неговото креирање во насока на негово прилагодување на европското и светското трудово законодавство. Евроатланските интеграции на работно - правното законодавство во Државата не смеат да резултираат со рестрикции на работничките права, напротив синдикатот очекува   нивно унапредување  и осовременување со крајна цел обезбедување на достоинството на трудот на работникот .

Понудивме текст на нов ЗРО, очекуваме истиот да биде сериозно разгледан од нашите социјални партнери и доколку тие сакаат поголема продуктивност од работата на работниците, а со тоа и побрз економски развој на државата, треба и мора да покажат слух за нашите барања кои се во рамките на европските и светските принципи. .

Во нашите предлози се залагаме за :

-поголеми инвестиции ,подобри економски политики и обезбедување на правото на работа  за сите

-креирање на реални и одржливи работни места

-повеќе работни места за жените ,младите и лицата со попреченост

-сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време

-стоп за договорите на определено време подолго од една година 

-здрави и безбедни работни места

-минимална плата најмалку 13.800,00 денари

-повисоки плати - платите да пораснат младите да останат

-обезбедување на социјална сигурност и заштита

-стабилен пензиски систем – стоп за зголемување на границата за пензионирање

-бришење на контролниот период за прекувремената работа, работа ноќе и ден на неделен одмор

-Зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати

-сабота и недела , денови на неделен одмор

-право на регрес за годишен одмор за сите вработени

-еднаквост и рамноправност на жените

-стоп за мобинг и дискриминација  

-заштита на мајчинството и зголемување на правото на породилно отсуство на 12 месеци

-воведување на право на татковство

-уредување на работничките права со КД, а не со акт и исклучиво право на работодавачот

-стоп за мешање  во синдикалното организирање

-против посебен Закон за синдикати

-унапредување на активен , реален и квалитетен социјален дијалог

Посочените  барања и заложби на Сојузот на синдикатите на Македонија се прогресивни, развојни и мотивирачки.

Предлагаме заедничко и на рамноправна основа  учество на сите социјалните партнери во организирање на економскиот и општествениот развој по пат на социјален дијалог и преговарање. За стратегиите, политиките и одлуките кои заеднички ќе ги донесеме, одговорноста на сите ќе биде поголема, а отчетноста  задолжителна .

ССМ како глас на работниците го заврши својот дел од обврската , нашите барања и предлог текст на нов ЗРО се дадени до Владата , сега таа е на потег. Сметаме дека постојат реални претпоставки и услови Владата  веднаш да не повика да ја договориме динамиката на активностите за нашите предлози за унапредување на националниот развој .

Само така со заедничка акција ќе бидеме на висината на задачата да обезбедиме општество без дискриминација со солидни услови за живот за сите. Членството на ССМ е нетрпеливо  и смета дека е крајно време за акција, а не за ветувања, ја повикуваме Владата на брза и ефикасна соработка да ги утврдиме приоритетите и динамиката на нивното решавање.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.