- Македонски
- English
ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС 2024
НИЕ РАБОТНИЦИТЕ -
Работници, Синдикалци, Граѓани, Симпатизери и Подржувачи на ССМ
Први Мај – меѓународниот ден на трудот е интернационален симбол на работничкото движење кој традиционално секоја година се одбележува, а носител на таа традиција е ССМ како најстар и најброен синдикат во државата.
Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери , работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси.
Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат , а функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78 % .
Ние работниците велиме дека наградувањето на носителите на власта е незаслужено затоа што економија е во стагнацијаж, нема соодветни домашни и странски инвестиции, ниту соодветни економско – финансиски мерки и програми за надминување на ваквата пасивна и безизлезна економска состојба .
Сведоци сме на зголемено кршење на работничките права , новиот Закон за работните односи кој би значел усогласување на националните трудово – правни односи со Европското законодавство и меѓународните трудови стандарди веќе 6 години не е донесен , а последнава година и воопшто не се работеше на истиот , односно не беа одржани расправи за надминување на разликите во креирањето на законот помеѓу социјалните партнери.
Работниците бараат достоинствен живот за себе и своите семејства ,тие се неопходен дел од процесот на создавањето на капиталот во компаниите и важен дел на општествените и економските односи во државата .
Работниците како создавачи на добивката и профитот го бараат својот дел од создадените вредности, но дел кој ќе им овозможи достоинствена и сигурна егзистенција и просперитет.
Во таа насока , НИЕ РАБОТНИЦИТЕ БАРАМЕ :
Градење на системско решение и обезбедување на континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор врз основа на егзистенцијалните потреби на работниците и нивните семејства и реалната состојба на економските и пазарни параметри, економскиот развој, инфлацијата, трошоците на живот и цените на основните животни продукти.
Минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 денови на новата Влада како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението како и за спречување на одливот на работната сила во Државите од регионот.
Исплата на трошоци за храна на сите вработени во висина од 20% од просечната плата.
Исплата на трошоци за превоз на сите вработени во висина на реалните трошоци за доаѓање и враќање од работа.
Ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година и преферирање на работата на неопределено време како одраз на егзистенцијалната сигурност на работниците
Право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа
Намалување на полното работно време на 35 часовна работна недела, а со тоа ќе се создадат можности за похумана работна средина и повеќе време за одмор на работниците, за потребите на нивните семејства и сопствен образовен и стручен развој, што е особено важно затоа што човечкиот потенцијал е најважниот ресурс на секоја држава.
Укинување на 72 часовната работна недела за работа на стратешките проекти
Зголемено породилно отсуство , поголеми родителски права и поголеми права и флексибилност за усогласување на семејните прилики и потреби на работниците со потребите на работниот процес
Целосно почитување на правата од работен однос со посебен акцент на лицата кои работат на онлајн платформи кои ги има се повеќе, а се надвор од системот на грижа и социјална сигурност
Здрави и безбедни услови за работа согласно новите актуелни техники и технологии применети на работните места
Целосно информирање и консултирање на работниците и синдикатите во компаниите за сите прашања поврзани со економско социјалната положба на работниците
Унапредување на синдикалното организирање и колективно договарање и јакнење на социјалниот дијалог на сите нивоа
Враќање на Работничкиот дом на ССМ на работниците
НИЕ РАБОТНИЦИТЕ НЕ СМЕ ЗАДОВОЛНИ
НИЕ РАБОТНИЦИТЕ сметаме дека Владите до сега покажаа дека не се спремни да се борат со корупцијата, криминалот и непотизмот во државата, а сето тоа доведува до депопулација и заминување на младите надвор од државата во потрага по подобра работа и живот.
Во ССМ се евидентирани над 10 000 обраќања за прекршени работнички права, бројка која зборува за непочитување на работничките права од огромни размери.
Преседан е направен и со измената на Законот за работнните односи без социјален дијалог и учество на ССМ како репрезентативен синдикат со која измена се воведе можност за 72 часовна работна недела за работа на стратешките проекти . На овој начин нашата држава го дерогираше основното и најстаро право кое го обезбедиле синдикатите во историјата – правото на 40 часовна работна недела и правото на 8 часовен работен ден, а за што и се одбележува 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот кога во Чикако во 1886 работниците штрајкувале за 8 часовен работен ден. Оваа недемократска постапка е единствена во државите во регионот, Европа и светот .
Сите овие причини, дискриминаторскиот однос, немањето на слух за егзистенцијалните потреби на работниците резултираа со голем број на штрајкови и протести организирани од работниците и синдикатите , пред се од ССМ и синдикатите здружени во ССМ.
Атак на синдикализмот во државата преставува и незаконската пресуда на Врховниот суд со која после 18 години судски спор и повеќе од 8 пресуди во корист на ССМ, Врховниот суд користејќи ги предностите на националнотпо законодавство односно немањето на право на правна заштита на одлука на Врховниот суд , без соодветни аргументи, пресуди во корист на државата, односно зградата сопственост на ССМ градена во 1948 год од синдикална членарина е узурпирана од државата.
Одземањето на имотот на најстариот синдикат во државата е дирекно мешање во неговата работа и делување , на овој начин се попречува синдикалното движење, а истовремено државата ги крши основните меѓународни конвенции за правото на здружување и синдикално организирање . Во врска со оваа состојба своето незадоволство до власта го изразија европската и светската конфедерација на синдикати , а во тек се активности за преземање на постапки за заштита пред меѓународните институции.
ССМ постојано укажува дека реакциите на креаторите на политиките не се системски и не се резултат на активно учество и придонес на социјалните партнери и сите заинтересирани страни, туку се парцијални и бавни и тие дополнително ги усложнуваат состојбите на висока инфлација , економска и енергетска криза. Сето ова доведува до се поголема недоверба во правниот систем и функционирањето на правната држава што резултираше со незадоволство кај граѓаните и создавање на клима на несигурност и недоверба , иако државата е таа која треба да го гарантира правниот поредок , правдата и правичноста за сите без дискриминација .
НИЕ РАБОТНИЦИТЕ, НИЕ ЧЛЕНОВИТЕ НА ССМ, нашите симпатизери, подржувачи и граѓаните сега и веднаш ги бараме нашите права кои се основни и елементарни , а исто така се одамна целосно заслужени како резултат на нашиот труд, посветеност и продуктивност.
Во последните 30 балансот помеѓу интересите на Владата, работодавачите и работниците е нарушен, потребна е реакција и на идната Влада и на работодавачите по пат на социјален дијалог и колективно преговарање да се утврдат приоритетите , да се изградат меѓусебните односи на доверба со почитување на меѓународните трудови стандарди.
На идната Влада, НИЕ РАБОТНИЦИТЕ И ПОРАЧУВАМЕ дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси.
Со почит,
Сојуз на синдикатите на Македонија