- Македонски
- English
„Работничките права се човекови права!“
10 декември, Меѓународен ден на човековите права
Почитување на човековите слободи и владеење на правото се уредени и загарантирани со Уставот на Република Македонија и со тоа нашата држава влегува во редот на држави кои функционираат во услови на политичка демократија.
Човековите права и слободи се основа на правдата и мирот во светот, а работничките права се најважен и неизоставен дел од нив.
Заштитата и унапредувањето на работничките права се обврска и статутарна определба на Сојузот на синдикатите на Македонија која континуирано се спроведува.
Во Република Македонија, секој работник, секој граѓанин, согласно Уставот и законите од трудовата сфера, има право на: работа, заработувачка соодветна на трудот, безбедни и здрави услови за работа и социјална сигурност.
Секој работник го остварува основното човеково право, доброволно да се организира и здружува во синдикати, и да се бори за остварување и унапредување на своите права и интереси од работа, практикувајќи демократски методи и принципи, пред сé, преку водењето социјален дијалог на сите нивоа, преговарање и колективно договарање.
Синдикално организирани и здружени, работниците во Република Македонија влијаат врз подобрувањето на својот животен стандард, но и врз позитивните економско-социјални политики и вкупната положба и прогрес во државата.