Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

РЕАКЦИЈА НА ССМ ПО ОДНОС НА членот 12 од предлог на законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и 10

Како единствен репрезентативен претставник на работниците, изненадени сме од фактот што не сме консултирани во поглед на подготовката на Предлог на законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп Битола) во Република Северна Македонија, а согласно кој финансиски средства ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија предложен од група на пратеници, поради тоа со ова законско решение се уредуваат и права на работниците кои ќе бидат ангажирани за извршување на работите.

Нашата реакција е на членот 12 од предлог на законот кој според нас треба да биде избришан, а да се применуваат постојните одредбите од Законот за работните односи, Законот за безбедност и здравје при работа, Колективните договори како и Конвенцииите на Меѓународната организација на трудот од причини што во член 12 се предвидува дека стратешкиот партнер да има целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе бидат ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината.

Ако се земе во предвид дека Законот за работните односи, Меѓународните договори, работничката пракса на секаде во Европа и Светот е 40 часовна работна недела, просекот од 60 часа во текот на неделата на годишно ниво ќе значи дека работниците во текот на неделата ќе работат во некој периоди и повеќе од 60 часа.

 Тоа ќе претставува преседан имајќи во предвид дека  8 часовното работно време е една од најстарите придобивки на работничкото и синдикалното движење уште од 1886 г. по завршување на штрајкот во Чикаго организиран со цел воведување на 8-часовен работен ден по што е  воведена и поделба на денот на три дела, 8 часа работа, 8 часа одмор, 8 часа за култура, рекреација и образование.

Поддржувањето на работно време од огромни размери ( просек од 60 часа неделно на годишно ниво) е начин на поддржување на присилна работа без почитување на човековите права и човечко достоинство, не водејќи грижа за работникот како најважен ресурс на Државата.

ССМ се грижи за заштита на работничките права и промовирање на човечкото достоинство, а Државата, треба и мора, потребата од работна сила да си ја обезбеди не со енормно зголемување на работното време на поединци туку со ангажирање на зголемен број на работниците и не со ризикување и оптеретување на здравјето на работниците кои ќе бидат изложени на обем на работа надвор од нивните човечки потенцијали.

Со вака предложениот член 12 од предлог законот, Државата наместо заштитник на граѓанските и човековите права, ќе ги изложува работниците на максимална истрошеност, а притоа користејќи ги парите на граѓаните.  

Потсетуваме дека Законот за работните односи, согласно член 4 од истиот се применува за сите работодавачи кои имаат седиште или престојувалиште во Државата и кај нив вработени работници кога работата постојано се врши на територија на Државата, како и за работодавачи од територија на земја членка на ЕУ како и за работодавачи од земја која не е членка на ЕУ и кај нив вработени работници кога се востпоставуваат односи врз основа на Договор за вработување заради вршење на работа на територија на Државата.

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека при уредување на Договорни работни обврски за вршење на работа во Државата за кои средствата се обезбедуваат од буџетот, Државата и компаниите ангажирани од нејзина страна мора задолжително да ги почитуваат обврските за заштита на животната средина, безбедноста и здравјето при работа, социјалната политика и заштитата на трудот кои произлегуваат од Законите во Државата, како и од Колективните договори и ратификуваните Меѓународните конвенции трудот.

На пратениците им укажуваме на сериозноста од последиците од членот 12 во наведениот предлог закон и сметаме дека со нивната стручност и посветеност во работата ќе водат грижа за граѓаните кои ги претставуваат, односно очекуваме во понатамошната собраниска процедура, членот 12 да биде изоставен во конечната верзија на Законот, а во спротивно, пратениците и парламентот со таквиот потег ќе  нанесат штета на Државата, работниците и граѓаните.

*Допис е испратен и до Претседателот на Собранието, Координаторите на пратеничките групи, Министерството за труд и социјална политика, Владата, канцеларијата на Меѓународната организација на трудот во Скопје.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.