- Македонски
- English

Денес и утре во Охрид се одржува регионален семинар на синдикатите од јавните служби. Темата на семинарот е “Социјалниот дијалог во јавната администрација и правата на државните службеници“.
Семинарот е во организација на Меѓународната организација на синдикатите од јавниот сектор PSI (Publice Service International), на ST синдикатот од Шведска и PSC од Велика Британија. На семинарот учествуваат Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија (УПОЗ) и синдикатите на јавните служби на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Србија.
Главни цели на семинарот се размена на искуства околу проширувањето на ЕУ критериумите за вработување, социјалната политика во јавните служби, социјалниот дијалог во јавната администрација и правата на работниците во јавните служби.
Учесниците од Македонија, Хрватска, Б и Х, Србија и Црна Гора ќе поднесат извештаи за социјалната политика во јавната администрација во нивните земји. На семинарот ќе зборува Јозеф Крејбух од PSI, додека Надја Салсон од ЕПСУ (Постоечки комитет за јавна администрација) ќе предава за главните синдикални теми во јавната администрација – еднаков третман на мажите и жените, заштитата при работа, социјалната заштита и социјалниот дијалог. Илка Парсинен ќе ги претстави состојбите во Шведска додека британските искуства ќе ги пренесат Хју Лејнинг и Жејнил Семјуел.
Горан Цветковски, раководител во Секторот за правни работи во Агенцијата за државни службеници на Република Македонија, ќе предава на тема “Вработување во државната служба и достигнувањата и натамошните задачи за ЕУ критериумите во врска со вработеноста и социјалната политика во јавните служби“.