Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

РОК ОД 30 ДЕНА ЗА ИСПОЛНУВАЊЕ НА БАРАЊАТА НА РАБОТНИЦИТЕ

Сојузот на синдикатите на Македонија одржа седница на Претседателството на која се разгледуваше актуелната состојба поврзана со работничките права и закочените процеси за донесување на одредени важни Закони за работниците како и колективните договори.

На седницата едногласно беше донесена Одлука врз основа на која најдоцна во рок од 30 дена бараме:

1. Итно усвојување на законското решение со кое се прогласува недела за ден на неделен одмор.

(Со оглед на тоа што се поминати сите рокови кои беа договорени помеѓу социјалните партнери за усвојување на Законот за измени и дополнувања на Законот за работните односи во делот на прогласување на недела за ден на неделен одмор кој според нас не оправано е заглавен во Собраниската комисија за труд и социјална политика, сметаме свесно дека се прави штета на огромен број на работници, ако знаеме дека, ако до сега беше донесен Законот ќе одмараа 92 проценти од вработените, а 8 проценти од работниците кои заради спецификите на работните места треба да работат ќе беа платени со најмалку 50% до 100% додаток за работа во ден на неделен одмор.)

2. Итна измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 % од просечната плата односно истата да се зголеми најмалку на 18.000,00 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

(Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период укажува и бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата до крајот на 2021 година да се зголеми минималната плата на 18.000,00 и со такво зголемување на минималната плата, истата ќе изнесува околу 63% од просечната плата со што би се оствариле заложбите на синдикатот и барањата на работниците. Поради се по евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба зголемување на платите со кој ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница . Зголемувањето на останатите плати согласно зголемувањето на минималната плата треба да биде преку почитување на одредбите од колективните договори кои се однесуваат на утврдување на коефициенти на сложеност на работните места преку што многу лесно ќе следи спира на зголемување на платите за сите работници. ССМ уште на почеток на наредната недела ќе предложи предлог измена и дополнување на Законот за минимална плата.)

3.Итно потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор

(Сојузот на синдикатите на Македонија уште во август 2021 година достави предлог текст на нов Општ колективен договор за јавен сектор во кој покрај другото предложивме утврдуваме право за регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор во висина од 30 до 100% од основицата со кое ја исправаме поделбата и неправдата за една категорија на работници да има утврдено право на регрес, а за друга да нема, како и нудиме поповолни решенија за зголемување на додатоците на плата за прекувремена работа, работа ноќе, работа во смени, работа во ден на неделен одмор, се зголемуваат деновите за платен одмор на работниците и се воведуваат дополнителни основи за платени слободни денови, се воведува задолжителна одредба за консултирање на работниците, како и задолжителна обврска да потпише колективен договор на ниво на работодавач за работодавачот кај кој има над 30 вработени и други унапредувања на работничките права.)

Имајќи во предвид дека овие барања на работниците подолг временски период се игнорираат од страна на пратениците и надлежните министерства, а беа ветени од страна на Владата, доколку во рокот од 30 дена не бидат исполнети, синдикатите здружени во ССМ веќе спроведуваат постапки во нивните органи и тела и врз основа на одлуките на органите и телата на ССМ кои ќе бидат донесени во следните неколку денови преку протест ќе бидеме приморани да застанеме рамо до рамо со работниците на генерален штрајк.

Истовремено, донесена е Одлука веднаш да продолжат преговорите со Организацијата на работодавачи на Македонија и да се склучи Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Без оглед на политичката состојба во Државата, работниците не отстапуваат од горенаведените барање бидејки истите се егзистенцијални и суштински за нив и нивните семејства, а работниците немаат повеќе време да чекаат нивните барања да бидат повторно и повторно одложувани поради политички пресметки.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.