- Македонски
- English
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) останува на ставот дека не само минималната, туку и воопшто платите во Македонија треба да се зголемат.
Како што изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред почетокот на конференција на тема: „Продуктивноста и нејзините главни двигатели за економски раст и конкурентност“, Македонија е една од државите во регионот со најниска и просечна и минимална плата.
– Работниците во Македонија се најниско платени на Балканот, а да не зборуваме за Европа. За жал, ние сме една од државите во регионот која има најниска и просечна и минимална плата. Не гледаме слух од спротивната страна, од Владата или работодавачите да направат некаков сериозен исчекор, иако слушнавме дека во Србија од 1 октомври минималната плата ќе биде 500 евра, онолку колку што бара ССМ во Македонија, а од 1 јануари ќе изнесува 550 евра. Веќе и со повисока плата од онаа што ја бараме работниците, за жал, заминуват од земјава, но не само заради платите, туку и незадоволни од условите во кои живееме – истакна Претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој напомена дека продуктивноста треба да се таргетира само преку една работа – зголемување на платите.
– Нашите работници во Црна Гора, Словенија, Германија, Србија, Хрватска, Аврстија се продуктивни зашто таму платите се три до четири пати повисоки од нашите – рече Трендафилов, додавајќи ако работодавачите планираат да не ги плаќаат работниците како што го прават тоа денес, не може да очекуваат зголемување на продуктивноста.
Организацијата на работодавачи на Македонија ја одбележа својата дваесетгодишнина со Национална конференција на тема: „Продуктивноста и нејзините главни двигатели за економски раст и конкурентност“