- Македонски
- English

Во основните и средните училишта во Тетово не се продолжени договорите за работа на 45 наставници. Меѓу отпуштените има наставници кои предавале повеќе од пет години, а биле едуцирани како квалитетни кадри, изнесе Сузана Стефановиќ, претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование, на денешната конференција за печат во Тетово.
Дали во образованието најдоа да прават чистки?, постави прашање Стефановиќ, напоменувајќи ја спогодбата што ја склучија СОНК, Министерството за образование и култура и Министерството за труд и социјална политика. Според таа спогодба просветарите што работеле на определено време требало да бидат вработени на неопределено. Но наместо постапно, сведоци сме дека на 31 август настана масовна чистка во образованието.
СОНК со Министерството за образование игра пинг – понг со бројката на отпуштените наставници. Беа 140, па се искачија на 274. Ние имаме податоци дека не им се продолжени договорите на повеќе од 1.000 наставници, рече Кољо Најденов, секретар на МЕСО. Владата, градоначалниците, директорите на училиштата и СОНК ја префрлаат вината едни на други, додека со отпуштените наставници ништо не се случува. На околу 8.000 вработени не им се продолжени договорите за работа, а државниот инспекторат и министерствата, во соработка со СОНК, тоа прашање воопшто не го третираат.
МЕСО има најавено масовен протест, кој, во случај да продолжат чистките во образованието, треба да се организира кон крајот на месецот. И денес претседателката на МЕСО упати повик за учество до сите вработени во образованието да се солидаризираат со нивните колеги и да помогнат да се реши нивниот проблем.