- Македонски
- English
Во организација на Фондацијата “Фридрих Еберт - Канцеларија Скопје“ деновиве во Скопје се одржуваат две предавања за синдикални теми.
“Водење кампања за мобилизирање на синдикалното членство“ е тема на работилницата која се одржува на 24 и 25 април. Предавач е Торстен Лутке, политички советник во Берлин, Германија, додека учесници се синдикални активисти од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Целта на работилницата е поблиско запознавање на синдикалците со методите за водење кампањи околу мобилизацијата на членството. Во посебни целини се обработуваат одредувањето на целта на кампањата, планирањето, пласирањето публикации и материјали, односите со јавноста, обезбедувањето финансии и други прашања.
Од 22 до 24 април се одржува семинарот “Модернизација на синдикатите“, на кој предава професорот Ричард Кроучер од Велика Британија, додека учесници се активисти од АГРО - Синдикатот, Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП). Покрај Фондацијата Фридрих Еберт“во организацијата учествуваат Интернационалниот синдикат за храна, агрокултура, хотелиерство, угостителство, услужни дејности, тутун и други сродни дејности, како и Интернационалната федерација за хемија, енергетика и рударство.
Професорот Кроучер го подели неговото предавање на неколку целини: кои се задачите на Синдикатот, неговите силни и слаби страни, позицијата во минатото, сегашноста и иднината. Се продолжува со прашањата што можат синдикатите да им понудат на работодавачите, на државата, на потенцијалното членство, додека исто така се обработија и други проблеми, како маркетингот на синдикатот, промените и културолошкатата анализа на синдикатот.