Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СЛОБОДНИ РАБОТНИ МЕСТА СЕ ПОВЕЌЕ, РАБОТНИЦИ СЕ ПОМАЛКУ

Сојузот на синдикатите на Македонија во изминатиот период, а особено во време на пандемија предизвикана од Ковид – 19 предупредуваше дека работодавачите треба да водат грижа за работниците поради тоа што сите ние сме заедно во оваа несакана ситуација, но и дека по завршување на здравствената криза, повторно ќе биде голема побарувачката за работна сила, но доколку односот од страна на работодавачите спрема работниците е лош, тогаш работниците со сигурност нема да се вратат на работа и својата егзистенција ќе ја бараат во некоја од европските земји, што и денес е случај.

Работодавачите во изминатиот период и покрај тоа што добиваа финансиска поддршка за исплата на платите на работниците на предлог на ССМ, тие наместо да ги уплатат средствата обезбедени од страна на државата на сметките на работниците, тие ги ставаа во нивните џебови во целост, дел исплаќаа намалени плати под некаков изговор кој се покажа дека е спротивен на закон, за што поднесувавме и ние и државните органи, кривични пријави за кои сѐ уште нема резултат, а ССМ им укажуваше на работодавачите дека работниците во наредниот период нема да им простат на оние газди кои ќе ја злоупотребат ситуацијата поради нивната себичност, и кои не им исплаќаа плати или им исплаќаа спротивно на Закон и колективен договор, кои се дрзнаа да не исплатат регрес за годишен одмор, ги отпуштаа незаконски од работа па за тоа беа и казнувани.

Најмногу поплаки од страна на работниците или околу 40 % од обезбедената правна помош за 80.000 работници од страна на ССМ во време на пандемија, беше поради неисплаќање на плати или незаконско исплаќање на плати, па се покажа дека поради таквиот однос на работодавачите, денес кога потребата и побарувачката од работна сила е зголемена, работници нема, а работниците наместо да ја градат македонската економија, ќе ја градат економијата на некоја друга држава.

Имајќи предвид дека според официјалните податоци од АВРМ од март 2020 до јуни 2021 без работа останале 16.817 работниците и тоа најголем дел од нив поради истекување на договорите за вработување на определено време, за што ние како ССМ укажувавме дека се најголем проблем како за работниците, така и за економијата и поради тоа предлагаме истите да бидат во времетраење од најмногу до една година, денес работниците или си заминаа од Државата и својата егзистенција ја бараат на друго место или не прифаќаат работа за непристојни плати и непристојни услови за работа.

Во АВРМ, според последните податоци има 9.059 слободни работни места кои не се пополнуваат, а главна причина за тоа се ниските плати кои работодавачите ги објавуваат во огласите, а и потоа им ги исплаќаат на работниците кои ќе се вработат кај нив.

Ситуацијата сега во екот на туристичката сезона е подраматична во угостителскиот сектор, кој го доживеа најголемиот удар за време на пандемијата. На компаниите од угостителството и туризмот им недостигаат 50% од потребниот кадар, пред сѐ келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, а тоа го покажуваат резултатите од интерната анкета која била спроведена од една од коморите, а некои податоци покажуваат дека од почетокот на кризата од 4 илјади до 20 илјади вработени го напуштиле овој угостителскиот сектор.

Еден од примерите за некоректен однос на работодавач кон работниците е случајот со работодавачот АД ИНЕКС ДРИМ Струга, кој иако користел финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март 2021 година и имал обврска да не го намали бројот работниците во април и мај 2021 година, тој незаконски им го прекинал работниот однос на повеќе од 10 работници во април, па со Решение од Државниот инспекторат за труд повторно ги вратил на работа, но работниците во меѓувреме нашле подобро платена работа со подобри услови за работа, па сега работодавачот повторно има оглас за отворени работни места во АВРМ, што покажува дека работодавачите вршат притисок врз работниците и синдикатите.

Денеска од огласите за вработување во АВРМ може да се види дека и покрај најавите за отпуштања во текстилниот сектор, најголем број на огласи за вработување се токму во овој сектор, но најчесто за плата од 15.200 денари, па работниците се повеќе и повеќе својата егзистенција ја бараат во другите подобро платени сектори или пак се иселуваат од Државата, па многу лесно може да се случи, за брзо време во овој сектор каде што најмногу се прекршуваа работничките права, газдите, наместо газди, поради недостиг на работници да се пријават во АВРМ како баратели на работа па да станат работници и да имаат потреба од заштита од синдикатот против кој денес се борат.

Сметаме дека како ССМ значително придонесуваме работниците да бидат едуцирани и информирани за своите работнички прва, па одамна е завршено времето кога истите прифаќаа работа за ниски плати, без соодветни услови за работа, без да им бидат почитувани правата од работен однос утврдени во Закон и колективните договори и сл., а тоа ни го укажуваат и самите работници во секојдневната комуникација.

Работниците треба да си ја знаат силата која ја имаат, затоа што со нивниот труд го остваруваат капиталот на газдите, а доколку се единствени, солидарни и одлучни, газдите многу лесно можат да станат работници како нив.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.