- Македонски
- English

"Како што најавивме втората фаза активности на ССМ заедно со работниците посветени на зголемување на работничките плати продолжува утре, на ден 12.02.2026 година (четврток) со блокада на Стопанската Комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис Конфедерацијата. Блокадата ќе започне на раскрсницата пред Стопанската Комора во 12 часот.
И да не се грижат, повторно ќе бидеме 21 претставник на синдикатот онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Нема да дозволиме работниците да им мрзнат на газдите на улица, да им мрзнат на пратениците на улица и да и мрзнат на Владата на улица само за да ги блокираат како што овие ги блокираат работниците, некои 36 години, некои две години, а некои една година.
Пред Стопанската комора ќе блокираме газди кои ги блокираат работниците 36 години, газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати, како и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат.
Ќе блокираме газди кои се исплашија од нападите на Владата и нападите на политичките партии на работниците и на синдикатите, ќе блокираме газди се додека не донесат одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Утре, 21 од нас и од членовите на Органите и телата на Синдикатите здружени во ССМ, во 12 часот ќе бидеме пред Стопанската Комора. Ги повикувам работниците кои можат и кои ќе поминуваат да ни се придружат макар и на пет минути затоа што другите не бројат… тие не мислат и не сакаат да разберат дека овие блокади кои се таргетирани и наменски се со по 21 човек на улица само за да им покажеме дека не ни се потребни оние 12.000 луѓе кои излегоа на 28-ми Јануари со нас за време на Големиот работнички протест на ССМ, за да ги блокираме.
Но, по завршување на овие блокади, ќе повикаме на уште еден голем работнички протест за кој ќе организираме превоз од сите градови и на кој ќе дадеме шанса на сите работници да дојдат. Тој протест ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос.”