Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ - состојба – перспективи - предизвици

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во соработка со Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje (ФЕС) на 1-ви октомври 2024 година организираше Конференција на тема:

“СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ – состојба, перспективи и предизвици”.

На конференцијата покрај претседатели и претставници на синдикатите здружени во ССМ, учествуваа и свое излагање имаа: 

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија ,Владанка Трајкоска, Заменик Министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимовски; Хаким Сума, Државен секретар на Министерството Економија и труд; Програмскиот менаџер на Фондацијата Фридрих Еберт, Валон Садики; Иван Пешевски Претседател на СГИП и Потпретседател на ССМ за приватен сектор; Трпе Деаноски Претседател на УПОЗ и Потпретседател на ССМ за јавен сектор; Претседател на собранието на ОРМ Ангел Димитров; Љупчо Фармакоски Потпретседател за регулатива, колективно договарање и социјален дијалог – ОРМ; Миле Бошков Претседател на БКМ и Радмила Лошкоска Секретар на ЕСС; Професор д-р Александар Ристовски Правен факултет УКИМ; Наташа Мечкароска Симјаноска од Канцеларијата на МОТ Скопје; Иван Нинески и Митко Аритоновски претставници на Министерството за јавна администрација; Ленче Коцевска и Маја Папатолевска претставници на Министерство за економија и труд , претставници на министерства и претседатели и претседатели и членови на синдикатите здружени во ССМ.

 

На иницијатива на ССМ, за првпат по подолг временски период на оваа Конференција се собраа претставници на синдикатите, работодавачите, како и Министерствата за економија и труд и јавна администрација за да дискутираат за важноста на социјалниот дијалог, за состојбата, перспективите и предизвиците.

Конференцијата ја отвори Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кој се осврна на улогата и значењето на социјалниот дијалог и функционирањето на ЕСС во насока на развој на демократските процеси во државата и учество на социјалните партнери во градењето на националните стратегии и политики.

Во своето излагање Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов посебно се осврна на застојот на социјалниот дијалог во државата со оглед на тоа што и покрај изминатите 100 дена од новата влада сè уште социјалните партнери не одржале состанок на Економско-социјалниот совет каде што треба да се дискутира за многу важни и сериозни прашања за економско – социјалната положба на работниците и граѓаните особено потребата од растот на платите на вработните во Државата. Во продолжение на своето излагање Претседателот на ССМ истакна дека очекува да се надмине практиката на носење на закони од работно правната област по итна постапка без социјален дијалог како што беше примерот на измената на ЗРО со која се воведе можноста за 72 часовна работна недела , затоа што најчесто со ваквото избрзано менување на законите без учество на синдикатите како претставници на работниците драстично се намалуваат и нарушуваат работничките права.

Нагласи дека ССМ очекува со Владата и со Организацијата на работодавачи на Македонија да продолжи процесот на колективното преговарање и договарање, особено со потпишувањето на Спогоба врз основа на Општиот колективен договор за јавниот сектор за методологијата на платите на сите вработени во јавниот сектор која од месец март 2025 година ќе се пресметува по принципот просечна плата по коефициент за сложеност, како и потребата од потпишување на измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Работниот дел на Конференцијата се одвиваше во 2 панели : Социјалниот дијалог во Македонија и Перспективите на колективното преговарање во приватниот и јавниот сектор.

Панелистите во своите излагања се осврнаа на потребата од развој на социјалниот дијалог, унапредување на демократските процеси на толеранција и усогласување на ставовите помеѓу социјалните партнери , научната и стручната јавност и активна улога на ЕСС во креирањето на националните економски и општествени политики . Воедно дискутантите се заложија за поголема отчетност и соработка помеѓу ЕСС и ЛЕСС за реализација на договорените обврски . Посебно беше нагласена улогата и значењето на развојот на колективното договарање за уредување на правата и обврските помеѓу работниците и работодавачите во насока на креирање на демократски работни средини и услови со целосно почитување на трудот и придонесот на работниците во интерес на поголема продуктивност , развој на компаниите и економијата, но истовремено со целосно почитување на работничкото достоинство .

На конференцијата покрај тоа што беа разгледани актуелните состојби со социјалниот дијалог во државата, преку излагањата на панелистите и учесниците во дискусијата на Конференцијата беа предложени идните чекори за унапредување на социјалниот дијалог како и за развој и поттикнување на колективното договарање на сите нивоа, во насока на остварување, заштита и унапредување на работничките права.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.