Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Социјалниот дијалог се движи по нагорна линија

23.04.2012

Претседателот Живко Митревски, генералниот секретар Амберт Јусон и министерот Спиро Ристовски на денешниот прес
Претседателот Живко Митревски, генералниот секретар Амберт Јусон и министерот Спиро Ристовски на денешниот прес

Исклучително е важно во Република Македонија социјалниот дијалог да продолжи да се развива по нагорна линија, гласи денешната порака од работната средба меѓу Министерството за труд и социјална политика, Сојузот на синдикатите на Македонија и генералниот секретар на Светската федерација на синдикатите од шумарството и градежната индустрија (Building and Wood International – BWI).

Социјалниот дијалог, колективните договори и имплементацијата на Меѓународната организација на трудот се трите теми на денешниот работен состанок. За нас од особена важност е имплементацијата на Конвенцијата 94 на МОТ, која предвидува социјални клаузули во јавните набавки. Конвенцијата е ратификувана, но треба вистински да се имплементира во законите. Разговаравме за процесот на таканаречената “зелена работа“, односно отворање нови одржливи работни места, за Законот за минимална плата и за безбедноста и здравјето при работа, изјави претседателот на ССМ Живко Митревски.

Не радува посетата на  BWI, што е потврда за напредокот на социјалниот дијалог во Македонија, нагласи министерот Спиро Ристовски. Информиравме за процесот на децентрализација на социјалниот дијалог, односно отворањето на локалните економско – социјални совети. Ова можеби е прва средба со светски синдикат од ваков ранг, од што можеме да очекуваме повеќе придобивки, како поддршка на членството на Македонија во ЕУ, контактите со ЕБРД, Светската банка и други институции.

Генералниот секретар на BWI Амберт Јусон информираше дека меѓународниот синдикат претставува 12 милиони работници од 150 земји во светот. Јусон изрази задоволство од напредокот на социјалниот дијалог во Македонија, посебно на работењето на Економско – социјалниот совет и на локалните економско – социјални совети.

Јусон нагласи дека потврда за важноста на социјалниот дијалог се трендовите во Латинска Америка, каде платите на работниците се зголемени од 10 до 20 отсто. Латинска Америка се наоѓа во економска експанзија, меѓутоа просперитетот мора да биде следен од стандардот на работниците. Генералниот секретар ја истакна можноста за контакти со ЕБРД, главниот финансиер на Коридорите 8 и 10. Битно е да се знае дека со заедничка акција на социјалните партнери може да се остварува економски раст, отворање нови работни места и зголемување на стандардот на работниците.

На прашањето на новинарите за работењето на црно минисерот Спировски одговори дека оваа појава и понатаму е присутна, но дека бројот на непријавени работници се намалува. Зачестени се контролите, додека на почетокот на годинава социјалните партнери започнаа кампања “Гради безбедно“.

Инаку Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) се полноправни членки на BWI.

Претставниците на  BWI, Амберт Јусон и функционерот Јасмин Реџеповиќ,   ќе присуствуваат на Вториот Конгрес на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика, што ќе се одржи на 24 април во Охрид. Во рамките на денешната посета претседателот Митревски и гостите од BWI ќе се состанат со генералниот директор на ЈП “Македонски шуми“ Жарко Караџоски.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.