Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Социјалниот дијалог во европа

 

Како ограничен силеџија, кој влегува во една куќа и се што не му по ќеф фрла надвор - сиот мебел, покуќнина, теписи и завеси, вратите и прозорците. Со жар на верски фанатик тој е уверен во сопствената праведност и останува глув за сите предупредувања. Не е способен да сфати дека дебело греши, уште и се чуди како тоа никој не ги одобрува неговите постапки – и тоа него, праведникот и светецот!

Приближно таков е интелектуалниот и духовниот опсег на однесување на сегашната македонска Влада. Претерано чувство на мисионерство и за сопствена ексклузивност, верување дека “од мене почнува историјата“, “се што ќе направам е исправно затоа што ЈАС го правам“ – тоа се типични синдроми на луѓе кои, од којзнае која причина, искрено веруваат дека се идни светци и со тоа се однапред амнестирани за сите постапки.

Во вакви околности се одвива и социјалниот дијалог во Република Македонија. Владата одбра “свој“ синдикат и упорно прави претстави за божемен социјален дијалог. Никако не успева да прифати дека Европската унија не признава вакви неразумни игри и така самата заглибува во калта што сама ја прави. Поддршка наоѓа само во “синдикатот по своја мерка“, кој е на слична бранова должина: самиот себе се претставува за единствен можен синдикат, кому му е под честа да разговара со било кој друга синдикална централа. Иако во оваа земја се оформи синдикален плурализам со пристојна бројка работнички асоцијации на национално и на гранско ниво (ССМ, УНАСМ, КСОМ, МЕСО и други).

Од предупредувањата на Брисел до македонската Влада може да се сложи цел столб хартии. Службена оценка на европската администрација е дека “во Македонија не постои социјален дијалог“, а реакции стигнуваат и од интернационалните синдикални федерации.

Не е изненадување што Владата не дава пет пари за опомените, но проблемот не е наивен – напротив, игнорирањето на социјалниот дијалог значи уште еден дебел минус на Република Македонија во нејзините амбиции за членство во европското семејство. Последица е продолжување на агонијата, губење на надежите, плата од двесте евра за оние кои имаат среќа да работат, масовна емиграција на младите, стапка на највисока невработеност во Европа. Накусо, натамошно бесконечно економско пропаѓање. Да се биде начисто дека Македонија не може да излезе од економската ситуација без странски инвестиции.

Зошто Европската унија инсистира на водење социјален дијалог? Затоа што концептот е основа на принципот на постоењето на самата Унија. “Нема економски развој без социјален дијалог“, гласи начелото кое во Европската унија е прифатено како прва заповед. Системот во старите членки е усвоен и функционира со децении, додека Брисел истото однесување го бара и од новите членки и од земјите кандидатки. Пораката гласи: ако јас вложувам во социјална правда, тогаш морате и вие! Нема трет пат и токму затоа Владата треба да престане да глуми недоветност и да се зафати со поздрава политика.

Зошто е важен социјалниот дијалог покажува искуството на Ирска, Холандија и на скандинавските земји – токму социјалното партнерство е метафора за успехот на една земја. Накусо, ако има социјален дијалог земјата оди напред, ако не, таа економски назадува.

Бројни се документите на европската администрација со кои се форсира социјалниот модел. Од Римскиот договор во 1957 година, до Мастрихт во 1991 година, тука се и подоцнежните платформи, социјалниот модел прерасна од консултација до “социјално владеење“. Системот преговори на социјалните партнери (синдикатите, работодавачите и владите како трета страна) во Европа се гледа како клучен мотор на реформите, сигурно не без причина.

Добро осмислениот преговарачки систем е победничка стратегија за секого, гласи концепцијата на Унијата. Социјалните партнери од 90 – тите години добиваат законодавна моќ (колективни договори, учество во донесувањето закони), додека социјалниот и цивилниот дијалог се основи за добро владеење во Заедницата. Европската комисија, или условно владата на Унијата, има и прецизни одредби за начелата (партиципација, отвореност) па и рокови (консултации од шест недели, 20 дена претходно информирање пред состанокот).

Од почетокот на векот, значи добри седум години, се отиде во нов квалитет на социјалниот модел: преговарачките страни се прошируваат со цивилниот сектор. Се слуша гласот на невладините организации, на граѓанските здруженија. Така се добива широк политички дијалог, кој не е само демократски украс, туку основа на политичките процеси.

Така стојат работите во старата Европа, а истите принципи се очекуваат и од новите членки. Социјалниот модел прерасна од консултативен во обврзувачки и ќе еволуира во прогресивна насока и понатаму.

На кое ниво е Македонија можеби е подобро да не се споменува. Наследената идеја дека власта е доминантен актер и дека од нејзината “владетелска милост“ зависат слободите денес е на сила само во мал број земји. Овде и понатаму владее идејата за апсолутната власт, а победата на изборите се сфаќа како право на неограничена консумација на власта. На иста линија е капиталот – сопственоста дава неограничено право на консумација на профитот.

Со вакви идеи Европа изгледа далеку, предалеку, не поради нејзините либерални принципи, туку поради самите нас.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.