- Македонски
- English
Сојузот на синдикатите на Макесонија (ССМ) со поддршка на Меѓународната конфедерација на синдикатите ITUC - PERC и шведските синдикати UNION to UNION реализираше стручно - специјализирана работилница на тема “СИНДИКАЛНА ОБНОВА - СООЧУВАЊЕ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ И КРЕИРАЊЕ НОВИ СТРАТЕГИИ ЗА РЕГРУТИРАЊЕ НА НОВИ И АКТИВНИ СИНДИКАЛНИ ЧЛЕНОВИ”
Еднодневната работилницата посветена на синдикалната обнова на која присуствуваа претставници од сите грански синдикати, членки на Сојузот на Синдикатите на Македонија, беше водена од страна на обучувачи од ССМ заедно со неколку членови на Претседателството на ССМ и главната цел на истата беше да се обезбеди подобрување на нивните капацитети и вештини за регрутирање нови членови на локално ниво и на ниво на работодавачи во различни сектори, претворајќи ги во компетентни синдикални активисти и претставници кои ќе дејствуваат како идни промотори на синдикатите и ќе преставуваат оние кои ќе овозможат раст на синдикалното членство како во јавниот така и во приватниот сектор.
Обновувањето на синдикатите е несомнено главна точка на фокус на секој синдикат. Придобивањето нови членови, а особено млади и активни синдикални членови и активисти, беше и останува главна цел на ССМ, а имајќи ја предвид свесноста за бавниот напредок во однос на растот на синдикалното членството, па дури можеби и намалувањето на истото како главен проблем со кој се соочуваат синдикатите не само во овој регион, туку и низ целиот свет, можеме да кажеме дека денеска обновувањето е една цел која стои највисоко на работната програма на ССМ. Од овие причини и беше организирана оваа еднодневната работилница посветена токму на темата на синдикалната обнова - соочување со предизвиците и креирање нови стратегии за регрутирање нови и активни синдикални членови и истата беше поделена во два дела.
• Првиот дел беше организиран на начин што им овозможи на поискусните синдикални активисти, кои сега имаат високи функции во хиерархијата на ССМ, да ги споделат своите искуства и методи кои ги користеле низ годините и кои им овозможиле не само успешно да дејствуваат во рамките на ССМ како најстар и најголем македонски синдикат, туку и успешно да дејствуваат меѓу синдикалните организации на локално ниво и на ниво на работодавачи, а се со главна цел да се најде начин работниците кои не се членови на синдикатот, без разлика на секторот на кој припаѓаат, да ја разберат важноста на синдикатите и да станат нивни членови во најблиската иднина. Преку презентации и активно учество на присутните беа објаснети начините на кои може да се врши промоција на синдикатите преку личен пристап, објаснувајќи ја неговата главната цел, намена и организација, а како би можел секој работник сам да дојде до заклучокот дека членството во синдикатите може да значи само подобрување на неговите работнички права и нивната заштита, подобри услови за работа и подобри плати, а со тоа и подобар животен стандард, односно дека синдикалното членувањето може само да им користи на работниците, а никако да им наштети. Беше водена дискусија за тоа што треба да прават гранските синдикати од јавниот и приватниот сектор и во која насока треба да бидат насочени нивните активности, секако преку работата на нивните најстручни активисти, за да овозможат остварување на она кое го одржува постоењето на синдикатите, а тоа е зголемување на нивното членство.
Преку споделување на главните предизвици со кои синдикалните претставници се соочуваат на терен кога ги претставуваат своите членови, се дојде до заклучокот дека секој присутен учесник како активен синдикален претставник потребно е најпрво целосно да ги разбере целите на синдикатите како претставници на работниците воопшто, да верува во работата која ја врши, но исто така да ги прошири своите знаења за сè што е поврзано со трудот и работничките права, бидејќи само на тој начин ќе може не само да ги убедат оние лица кои не се синдикални членови да станат идни синдикални членови, туку ќе им овозможи и на сите синдикалните организации да ги задржат своите постоечки членови, како нешто кое е подеднакво важно како и наоѓање на новото членство. Несомнено грижата и наоѓањето начин за задржување на постојното членство мора да биде подеднакво важно како и наоѓањето ново и истото да стои високо на агендата на работната програма на секоја синдикална организација и гранков синдикат.
• Вториот дел беше посветен на Секцијата на Жени на ССМ и Секцијата на Млади на ССМ, каде претседателите на двете секции преку презентации ги изнесоа своите мислења за тоа како истите како најактивни секции кои во моментов дејствуваат во рамките на Сојузот на Синдикатите на Македонија, можат да придонесат во синдикалната обнова. Преку дискусија за постојните стратегии за регрутирање, презентација на можни нови стратегии посветени на синдикално обновување присутните учесници заедно со обучувачите дебатираа за едно од најкоментираните прашања во врска со синдикално обновување, а тоа е дали да се користи персоналниот пристап како главна стратегија за регрутација наспроти користењето на дигиталните алатки.
Секако, личниот пристап како главно доминантна стратегија во минатото е неспорен, меѓутоа со текот на годините стана многу јасно дека испраќањето на синдикалната порака на терен, а особено до младите работници и новата работна сила како потенцијална идна синдикална сила е многу предизвикувачки, па поради тоа ССМ ги вклучи и дигиталните алатки како дел од успешната стратегија за обнова на синдикатите и ја создаде мобилната апликација на ССМ, ССМ - Мои работнички права. Дигиталното дејствување овозможи и донесе раст на членството на ССМ, особено кај младите работници, но работата на терен, дејствувањето директно лице в лице меѓу работниците за време на нивниот работен процес и користењето на нашите синдикални организации и канцеларии на локално ниво и на ниво на работодавачи, како и преку користење на Женската и Младинската секција, мора да биде значаен дел и да претставува продолжение на нашата главната стратегија за обнова.
На предлог на присутните учесници, претседателите на Секцијата на жени на ССМ и Секцијата на млади на ССМ за време на работилницата се согласија дека барем една активност посветена на синдикалната обнова мора да биде вклучена во годишната работна програма на секциите и успешно спроведена. Користењето кампањи не само дигитално, туку и на улиците и на работните места може да го доближи секој работник до секциите, а со тоа и до ССМ што ќе придонесе до зголемување на синдикално членство, а со тоа ќе се овозможи ССМ да биде посилна и поотворена организација како краен резултат.
На затворањето на оваа успешна работилница членовите на Секцијата на Жени на ССМ и Секцијата на Млади на ССМ едногласно ги усвоија годишните планови на активности на двете секции предвидени за втората половина на 2025 година како и за 2026 година, каде јасно преовладуваат активности посветени токму на синдикалната обнова.