- Македонски
- English
Денес во Сојуз на синдикатите на Македонија се одржа состанок со Синдикалниот одбор при СО на ЈП Национални шуми Скопје заедно со Генералниот директор на претпријатието Проф.д-р Здравко Трајанов. Од страна на Претседателот на СГИП, Иван Пешевски беа истакнати сите проблеми со кои се соочуваат вработените како што се нередовни исплати на теренски додаток, ниските плати и јазот во платите помеѓу вработените, неисплатениот регрес за годишен одмор за 2023та и 2024та година, необезбедени средства за лична заштита итн.
Директорот во дискусијата нагласи дека претпријатието е во тешка наследена состојба со едвај прибрани средства за плата, но со надеж да се надминат сите овие проблеми во најкус можен рок. Приоритетно барање на СГИП е потпишување на нов колективен договор кој ќе ги регулира сите права и обврски на двете страни и ќе ги уреди платите со нови коефициенти на сложеност согласно Општиот колективен договор за јавен сектор.
Сите присутни се согласни дека новото раководство мора да има приоритет во продолжување со преговори и потпишување на нов Колективен договор во претпријатието. Претседателот на СГИП, нагласи дека ова се само дел од проблемите за кои мора заеднички да дискутираме почесто и по пат на дијалог наместо по судски пат, бидејќи главен двигател во работата на прептријатието се токму вработените кои се вложуваат секојдневно и бараат само почитување на своите права и достоинствени плати кој мотив ќе се рефлектира во иднина и на новите генерации, а не да стравуваме дека ќе останеме како држава без шумарски техничари и инженери. Шумарството мора да се врати во живот како гранка која многу може да придонесе и за вработените и за природата, а со тоа и за самата држава.
Досега социјалниот дијалог покажа и докажа дека само така може да се решат и стават во рамнотежа барањата на работниците и работодавачите. Не се изоставува и можноста за повторни Протести и Штрајк доколку овие барања не се разгледаат и договорат на заедничка маса со работниците. Побарана е средба и со Управниот одбор на претпријатието на која средба учество мора да земе и Главниот синдикален претставник особено во делот за планираната реорганизација на претпријатието и статусот на вработените во истата.
СГИП заедно со ССМ остануваат единствени заштитници на правата на вработените во градежништвото, индустријата за градежни материјали и шумарството.