Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Средба на ССМ и СИЕР со раководството на рудникот Саса: Поздравена одлуката за зголемување на платите за 10%

Денеска (13 февруари 2025) се одржа средба на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов и претседателот на синдикалната организација на СИЕР во Рудник Саса, Драган Миленковски со генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн и директорот за одржливост Ивица Талевски.

Непосреден повод за средбата беше најновата одлука за зголемување на платите во Саса, кое е петто по ред во последните три години, во износ од 10% на основната плата. Со ова најновото покачување, вкупните просечни месечни примања на вработените во Саса остануваат и до 70% повисоки од националниот просек.

Претседателот на ССМ Трендафилов истакна дека одлуката за зголемување на платите е резултат на ефективниот социјален дијалог помеѓу менаџментот на компанијата и синдикатот СИЕР, што традиционално се практикува во Саса и треба да претставува добар пример за останатите деловни субјекти и институции во земјата.

За генералниот директор на Саса, најновото зголемување на платите се случува во период на зголемени оперативни трошоци и големи инвестиции на компанијата кои се неопходни за продолжување на животниот век на рудникот. Тој искажа уверување дека ова најново зголемување на платите ќе биде дополнителен мотив за вработените и ќе се одрази позитивно на продуктивноста и вкупните перформанси на рудникот, а кои се неопходни за неговиот натамошен развој и обезбедувањето на сигурноста на работните места.

На средбата одново беше реафирмирана потребата од продолжување на социјалниот дијалог на партнерска основа, што ќе резултира со решенија кои ќе овозможат натамошен развој на компанијата и истовремено ќе ја гарантираат благостојбата на нејзините вработени.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.