- Македонски
- English

На ден 15.10.2025 година, на барање на Амбасадата на Република Франција во Работничкиот Дом на ССМ се одржа работна средба помеѓу Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и Н.Е Амбасадорот на Република Франција, г.Кристоф Ле Риголер.
На работната средба се разговараше за актуелните состојби кога станува збор за економско-социјалната положба на работниците во нашата држава, за синдикатите и синдикалното движење воопшто како и за нашата борба за унапредување на работничките права и подобрување на легислативата од областа на трудот, со посебен осврт на социјалниот дијалог во нашата држава како основа за донесување на поуспешни идни решенија, а особено решенија кои ќе го вратат достоинството на македонскиот работник и ќе го спречат неговото заминување во странство во потрага по подобра иднина.
Од страна на Претседателот на ССМ како Претседател на најголемиот и најброниот синдикат во нашата држава и воедно единствен синдикат кој е репрезентативен и има свои членови во јавниот и приватниот сектор беа презентирани актуелните состојби со трите мошне значајни столба на синдикалното дејствување, и тоа – состојбите на социјалниот дијалог во државата, со цел да се утврдат идните чекори за неговото унапредување, состојбата и развојот на платите и потребата од нивното зголемување, синдикалната минимална кошница како синдикален инструмент кој дава основа за развој на успешни социјални политики кои ќе бидат насочени исклучиво кон остварување, заштита и унапредување на работничките права како и развојот и секогаш важните политики на потикнување на колективното договарање на сите нивоа.
Понатаму беа пренесени предизвиците со кои синдикални организации на ССМ и синдикалните членови се соочуваат како во јавниот така и во приватниот сектор во текот на нашето 79-годишно постоење и непрекината борба за правата на сите работници кои несомнено треба да бидат во фокусот на политиките на сите политички лидери.
Особено беа истакнати напорите на ССМ да продолжи со свои засилени активности на креирање и обезбедување на постоење на синдикално движење онаму каде што синдикатите потешко успеваат да формираат свои синдикални организации, а преку тоа и остварување на зголемување на членството на ССМ како во јавниот, така и во приватниот сектор кое нешто несомнено ќе ја унапреди нашата положба пред останатите социјални партнери.
Од страна на Амбасадорот на Република Франција, г.Кристоф Ле Риголер беше изразена поддршка за активностите на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и беше најавена идна соработка, а особено имајќи предвид дека ССМ преку своите гранкови синдикати и како дел од Европската Конфедерација на Синдикати (ETUC) и Меѓународната Конфедерација на Синдикати (ITUC) веќе има воспоставена соработка со синдикалните организации кои доаѓаат од Република Франција.