Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СРЕДБА СО ДИРЕКТОРКАТА НА МОТ ЗА ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА

СРЕДБА СО ДИРЕКТОРКАТА НА МОТ ЗА ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов заедно со потпретседателот на ССМ за приватен сектор и Претседател на СГИП, Иван Пешевски остварија средба со регионалната директорка на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, Специјалистот за работнички организации, Магнус Берге и Националниот координатор на МОТ во Македонија, Емил Крстановски.

На состанокот, Претседателот на ССМ, Трендафилов ги запозна претставниците на Меѓународната организација на трудот (МОТ) со состојбите и предизвиците со кои се соочуваат работниците во Македонија. Детално ги информираше за Социјалниот дијалог во земјата, како и за проблемите со кои се соочени работниците поради преземените активности од страна на владините претставници со воведувањето на 72 часовна работна недела без предходен социјален дијалог и консултации со синдикатите и работниците, закон кој ја става Македонија високо на мапата во делот на непочитувањето на работното време, што претставува преседан не само во европски туку и во светски рамки, спротивен на принципите на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и тоа на штета на работниците и на угледот на Македонија.

Укажа дека по пат на социјален дијалог во минатот период е направен сериозен позитивен исчекор при зголемувањето на минималната плата и потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор, но и дека носењето на измените на Законот за работните односи без социјален дијалог со воведување на 72 часовната работна недела иако предходно по тоа прашање негативно се произнесе и Уставниот суд, за злоупотребата на ЕУ знамето за носењето на закони без да се овозможи дебата со цел да се заобиколи социјалниот дијалог и намерата без согласност на ЕСС да се изменат низа на закони со кои на вработените во јавниот сектор ќе им се скрати претстојното усогласување со минималната плата во месец март 2024 година, се негативен пример кој лошо влијае на заемната доверба помеѓу социјалните партнери.

Истовремено, ја искористи приликата да се заблагодари на Меѓународната организација на трудот за поддршката и придонесот на полето на зајакнување на капацитетите на ССМ и синдикатите во Македонија, особено за поддршката при креирањето на првата бесплатна мобилна апликација за пријавување на прекршување на работнички права, ССМ - мои работнички права, која како таква денес е презентирана и преземена од страна на неколку европски држави со поддршка на МОТ, што дава потврда на добрата соработка на ССМ со МОТ која денес е пример не само во регионот туку и пошироко.

ССМ заедно со Меѓународната организација на трудот (МОТ) продолжуваат да работат во насока на овозможување на достоинствена работа, обезбедување на достоинствена плата и достоинствено работно време во Македонија, што впрочем се и фундаментални принципи на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.