- Македонски
- English
Денеска, во Сојузот на синдикатите на Македонија, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов придружуван од Претседателот на СГИП Иван Пешевски, Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски и Претседателот на АГРО синдикатот Игор Китаноски остварија средба со координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски и пратеничката Даниела Белимова.
Средбата се одржа на барање на ССМ, а во рамките на расправата за ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура.
Претставниците на ССМ ги информираа пратениците за потребите и за очекувањата на работниците поврзани со зголемување на платите како и за зголемување на минималната плата и почитувањето на колективните договори и нивната примена.
Беше истакнато дека вработените во АД Водостопанство се оставени без плата веќе четврти месец и дека ги чекаат средствата предвидени со ребалансот за да може да се исплатат заостанатите плати, а дека ист е случајот и во ЈП Национални шуми. Дополнително за вработените во здравството се бара 5,5 милиони евра за усогласување на платите од септемвриската плата, особено поради тоа што овие вработени не добија усогласување на нивните плати од почетокот на годината.