- Македонски
- English

Во тек е второ читање на измени и дополнувања на Законот за работни односи. Слично како и минатата година, кога се намалија или се укинаа многу права од работен однос, така и сега на удар се над 50 одредби, со јасна насока кон намалување на работничките права, истакна на денешната конференција за печат Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Бидејќи за измените не е консултиран Економско – социјалниот совет, што е законска обврска токму од Законот за работни односи (член 246, точка 6), бараме оставка од министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами и од неговиот заменик Ристо Спировски.
Затоа ние не ги прифаќаме обвие измени и ќе реагираме до меѓународните организации и европските институции. Ќе го повикаме претседателот на државата да не ги потпишува овој закон и ќе реагираме до Уставниот суд, најави Јованоски. Инаку некои други синдикати не реагираат и ги прифаќаат овие измени, и тоа без да дадат мислења, предлози, настрана што не се репрезентативни.
Јованоски изнесе податок дека се менуваат околу 50 права, додека 25 членови се веќе поминати во собраниската процедура. Во сите нив има многу недоречености, нејаснотии и можности за произволно толкување – поточно, за злоупотреби од страна на работодавачите.
На прво место не е во ред одредбата “работникот е на располагање на работодавачот“. Не се работи за граѓански, туку за трудов однос.
Слично е со одредбата “време на одмор е секој период кој не е работно време“.
Околу обврската на работодавачот да врши пријавување, сметаме дека ќе се зголеми сивата економија и работењето на црно. Со минатите решенија работодавачот беше обврзан во рок од три дена да го пријави работникот во Агенцијата за вработување. Беа предвидени казни, и тоа 16.000 евра за работодавачот, 5.000 за одговорното лице и 1.000 за работникот. Сега нема рок на обврската за пријавување, така што работодавачот има можност да лаже. Односно, ако дојде инспекција тој ќе каже дека работникот ќе го пријави утре, без оглед колку време работел претходно.
Беа попрецизно дефинирани дежурството и прекувремената работа, додека сега дежурството е само дежурство, без да се објасни што вклучува оваа одредба.
Прекувремената работа исто така е на штета на работниците, затоа што се овозможува работникот да се ангажира 190 часа во годината, наводно со негова согласност. Синдикатот, пак, смета дека прекувремената работа може да изнесува од 60 до најмногу 160 часа и за тоа работникот да добие уште една плата како бонус.
Скратеното работно време исто така претрпува неповолни измени. Само таксативно се наброени во кои дејности може да се бара скратено работно време, како работа со нагризувачки материјали, балетски изведби, музичари на дувачки инструменти. Но затоа ги нема пожарникарите. Исто така, нон сенс во измените е што барање за скратено работно време поднесува работодавачот.
Ноќната работа е намалена, од 22 часот до 7 наутро, додека сега е до шест наутро.
Паузата според измените може да следува после третиот час. Синдикатот смета дека е потребно пофлексибилно и поповолно решение, посебно со оглед што околу 100.000 работници во Македонија не го користат правото на пауза.
Предлагачите увидоа дека претераа со измените на годишниот одмор. Минатата година годишниот одмор беше сведен на 20 дена, без да се назначи дали се календарски или работни. Ја вратија одредбата 20 работни дена, што е добро, но ние сметаме дека годишниот одмор треба да изнесува најмалку 26 работни дена. Во западноевропските земји годишниот одмор трае од четири до шест недели. Понатаму, во член 145 се предлага дека годишен одмор може да не се дозволи ако има работа.
Репрезентативноста на синдикатите е исто така голема измена во неповолен правец. Поранешното решение за репрезентативност е 33 отсто, додека сега цензусот е намален на 10 отсто. Ние не сме против, но намерата е синдикалното движење да се раситни и да се стави под контрола. Се предвидува во секое претпријатие да се формира синдикат, што значи дека теоретски можат да се формираат 60.000 синдикати. Се предлага и наново потпишување на колективни договори и престанок на важење на веќе потпишаните, што е апсолутно неприфатливо.
Најспорно е што репрезентативноста ја утврдуваат три министерства – за правда, за економија и за труд и социјална политика. Тоа значи дека Владата сама ќе одлучува кој синдикат ќе го прогласи за репрезентативен. Ова решение е невидено во цивилизираниот свет и затоа ќе бараме интервенции од меѓународните фактори, најави Јованоски.