Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ бара повторување на постапката за конфискација на Работничкиот дом, најавува и протести

Со цел да ја спречи конфискацијата на Работничкиот дом, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) поднесе предлог за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд и бара што е можно побрзо овој предлог да биде доставен до Врховниот суд за брзо и ефикасно да се постапи.

Меѓу другото, Трендафилов посочи дека за максимум недела и половина Сојузот ќе почне низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај и апелира во протестите да се вклучат и останатите синдикати.

-Претседателството и Советот на ССМ едногласно донесоа одлука за организирање низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај. Низата на протести се токму поради ова – трпението на работниците е премногу мало, не можеме веќе да се усогласиме со политиките што се водат, особено во судскиот систем на штета на работниците со конфискацијата на Работничкиот дом, не можеме да се усогласиме со некои политики без оглед на тоа дали се на централно или на локално ниво во поглед на постапките кои значат намалување на работничките плати. Протестите ќе бидат со отворена покана до сите синдикати во Македонија, не само синдикатите од ССМ, туку ги покануваме и КСС, КСОМ, УНАСМ и сите останати грански синдикати кои не се здружени во ниту една федерација, сојуз или конфедерација, да ни дадат поддршка и да се придружат на ваквите протести. Овие моменти, особено поради изборниот процес, се моменти кога работниците можат јасно да дадат до знаење на сите кои претендираат да бидат власт, дека не може повеќе корумпирано судство, дека не може повеќе намалување на платите, дека не може повеќе да си овозможувате само за вас, а за работниците не, истакна Трендафилов.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со конфискацијата на Работничкиот дом, тој напомена дека „предлогот за повторување на постапката ги побива сите недоречености на судиите кои се надвор од правната рамка и правниот разум, зашто слободното судиско убедување не може да биде посилно од документите, од Уставот, од одлуките на Уставниот суд, како и од законите кои се применувале и порано и денес“.

„Очигледно е дека дилемите кај овие тројца судии кои ја донесоа ваквата срамна пресуда за конфискација на Работничкиот дом треба дополнително да се разјаснат. Очекуваме правото и правдата конечно да победат. Апелирам и до Врховниот суд и до Советот кој одлучувал за донесувањето на оваа Пресуда за конфискација на Работничкиот дом, до првостепениот суд, односно Основниот граѓански суд, оваа работа што е можно побрзо да ја заврши, да го разгледа предлогот за повторување на постапката, да ја отфрли ревизијата и Работничкиот дом да остане на работниците онака како што е повеќе од 60-70 години“, - додаде Трендафилов.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија се надева дека судиите нема да потпаднат на политички, бизнис или олигархиски притисок во врска со овој случај, а изрази очекување дека постапката ќе заврши за 30 до 45 дена и дека Работничкиот дом треба да остане на работниците. Додаде дека за овој случај треба да се заинтересира Уставниот суд до кого, како што рече, ќе биде поднесено барање за да се утврди дали е повреден Уставот.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.