- Македонски
- English
ОБЈАВА ЗА МЕДИУМИ
PRESS RELEASE
30.6.2017
Сојузот на синдикатите на Македонија и соодветната Комисија за безбедност и здравје при работа, членовите на Националниот совет за БЗР од ССМ, д-р Живко Митревски и м-р Роберт Симоноски, поради енормно високите температури и прогласената портокалова фаза бараат преземање на повеќе мерки за заштита на вработените кои работат под исклучиво високи температури и бараат доследна примена на Препораките од Владата на РМ и Акцискиот план за заштита на здравјето на населението од топлотни бранови од Министерството за здравство на РМ.
Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението во РМ, Програмата за работа на ССМ и мерките за БЗР, укажуваме дека се препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Се препорачува работодавачите да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во период од 11-17 часот. Согласно насоките од Министерството за здравство се укажува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11-17 часот, а особено се препорачува установите за згрижување на децата да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.
За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во период од 11-17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Истовремено, ССМ укажува на преземање на следните активности во насока на заштита на здравјето на вработените:
ДА ГО ЗАШТИТИМЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО УСЛОВИ НА ТОПЛОТЕН БРАН!
Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, Сл. Вес. на РМ бр. 92 /07 работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците.
Со проценка на ризик се утврдуваат работни места на кои работникот може да биде изложен на високи температури и/или топлинско зрачење односно неповолни микроклиматски услови и се утврдуваат мерки кои работодавецот треба да ги превземе за намалување на ризикот на најмала можна мерка.
Доктор специјалист по медицина на труд треба да ги има во предвид работните места со ризик од изложеност на високи температури
Работни места во затворен простор:
Работодавецот не може да влијае на надворешните фактори како што се соларно зрачење, температура и влажност на воздухот, али може со соодветна примена на правилата на заштита на работа, во голема мерка да го избегне или намали ризикот од топлинскиот стрес.
Потребни се координирани, заеднички активности на ниво на претпријатието со кое докторот има склучено договор согласно Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник на РМ бр. 92/07).
Во услови на топлотни бранови, доктор специјалист по медицина на трудот, покрај редовните превентивни медицински прегледи, може да спроведе и вонредни прегледи на вулнерабилни групи работници: работници со понапредната возраст, работници со зголемена телесна тежина,бремени работнички, хронично болни (кардиоваскуларни, метаболни, респираторни, бубрежни, хепатални, гастроинтестинални и ЦНС заболувања др.) Индивидуални совети, препораки и едукативен пристап е неопходен, како и консултации со матичниот лекар во врска со препорачаната терапија и евентуален предлог за боледување.
Заедничката акција се остварува преку соработка на специјалистот по медицина на трудот, работодавецот и работниците;
1.Препораки до работодавецот
Проверка на техничко- технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и по можност климатизација).
Контролирање на микроклиматските параметри;
Обезбедување на минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште” (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата);
Промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците и сл.)
Избегнување на работа на отворено во за време на најтоплиот период на денот (11-17 часот) или нејзино редуцирање.
Редуцирање на тешка физичка работа; Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување на климатизирани простори и доволно разладени течности за пиење;
Смалување на интензитетот на работата и нормите во производството.
Избегнување на прекувремената работа. Прекин на работата при потреба;
Поттикнување на самопријавувањето на симптомите кај вработените;
Обезбедување на адекватни лични заштитни средства;
Внимателност со вулнерабилните вработени (постари работници, хронични болни, лица со прекумерна телесна тежина, бремени жени и др.) и нивно прераспределување (оние што не се во добра физичка кондиција да бидат преместени на полесни работни места);
Запознавање на работниците со ризикот на работното место од високи температури, можните штетни ефекти по здравјето како и со мерките за работа на безбеден начин.
Запознавање на вработените со процесот на аклиматизација или адаптирање на организмот на високи температури кој делумно се постигнува за 7 дена, а комплетно за 20 дена( што треба да се има предвид при вклучување на неаклиматизиран работник во работниот процес );
Предупредување на вработените за зголемената опасност од несреќи при работа (пожари). Посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација;
2. Препораки до вработените
Правилен режим на исхрана со доволно минерали, белковини, витамини;
-повеќе овошје, зеленчук, без многу масти.
Лесен оброк пред работа, дополнителен оброк во текот на работата, а најобилен и енергетски најсилен оброк по завршената работа
Пиење течности, 2 л вода минимум дневно, при услови на големи горештини се препорачува земање 1 чаша вода на 20 мин. интервали, да не се користат напитоци со алкохол и кофеин (заради опасност од дехидратација);при засилено потење и интензивна физичка активност, да се пие минерална вода (со јаглендвеоксид и електролити) поради можен губиток не само на течности туку и на електролити
Земање лекови само во консултација со својот доктор
Соодветен режим на одмор со кратки паузи во текот на работата;
Доволно спиење дома;
Намалување на интензитетот на физичките активности, туширање и разладување.
На работа на отворено, во услови на изложеност на сончеви зраци да се користат креми за сончање со заштитен фактор (30 и повеќе)
Користење на лични заштитни средства
Работната облека од лесна порозна ткаенина (од природни влакна, светла боја, памук, лен), а при работа на отворен простор - очила и капи и шешири со доволно голем обод за заштита на глава. Отстранување на облека која го смалува потењето. Менување на облеката при значајно потење.
Прва помош на работното место
Препознавање на симптоми за топлотно исцрпување или топлотен удар (исцрпеност, слабост, замор, главоболки, несвестица, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии, шок)
Самопријавување на симптомите, грижа за колегите (будност за појава на симптоми)
Оние кои што имаат симптоми не смее да се дозволи да одат дома додека не се стабилизираат (најголемиот бројна смртни случаи од топлотен удар се случуваат на пат за дома)
Согласно законска регулатива, неопходна е едукација на одредени работници за пружање прва помош.
Работник кој има здравствени тешкотии поради изложеност на висока температура, веднаш треба да се тргне во „засолниште“-климатизирана или разладена просторија,или доколку нема друга можност- под сенка. Потребно е работникот да се разлади со отстранување на вишок облека, лесно полевање или прскање со вода собна температура), разладување (ако има)со вентилатор,ставање влажни облоги на глава (чело, околу врат).
Доколку работникот е свесен,треба се стави во легната положба на грб, со кревање нозе на повисоко и давање што повеќе течности да пие.
Доколку не е при свеста, работникот се врти во бочна положба и веднаш се бара итна медицинска помош со повик 194, која ќе обезбеди професионална медицинска помош и по потреба транспорт во соодветна медицинска установа.
Со почит,
Сојуз на синдикатите на Македонија
претседател
д-р Живко Митревски