Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Ссм достави амандмани за законот за работни односи

 

Денес ССМ оствари средба со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и му достави 13 свои амандмани околу Законот за менување и дополнување на Законот за работни односи. Предлозите на ССМ им се поделени на пратениците и се очекува расправа од нивната страна. Овој закон е устав на работниците, исклучително е важен, содржи многу лоши решенија и затоа сметаме дека не треба да се брза во негово донесување, истакна на денешната конференција за печат Драге Јовановски, раководител на правниот сектор на ССМ.

Доколку не се измени ништо ние ќе превземеме неколку решенија. Прво, повторно ќе бараме дијалог со Владата, второ, ќе користиме правни средства и  како трето ќе почнеме постапка за организирање работнички генерален штрајк, најави Јовановски.

Инаку околу актуелните настани во земјата Јовановски ја изрази поддршката на ССМ за барањата за бенефициран стаж, барањата на млекарите и земјоделците. Пораката до Владата е да превземе конкретни чекори за поскапувањата и заштитата на стандардот, без флоскули за краткорочни и долгорочни мерки, кои не даваат никакви резултати.

Интересно е што ниеден друг синдикат не реагира околу менувањето на Законот за работни односи. Не се јави Конфедерацијата на слободни синдикати, Унијата на независни синдикати, ниту некој друг синдикат. Тоа може да значи дека овие синдикати молчат со сосем одредeна цел.

ССМ најпрво реагира со принципиелните забелешки за отсуство на било каква расправа на социјалните партнери. Економско – социјалниот совет воопшто нема водено расправа околу менувањето на Законот за работни односи. Министерството за труд и социјална политика го нема доставено предлогот на законот до Сојузот на синдикатите на Македонија. Не е водена расправа ни меѓу трите социјални партнери, Владата, Синдикатот и работодавачите. Изгледа дека цела оваа каша ја има зготвено бившиот министер за труд Љупчо Мешков, додека прашање е дали новиот министер е доволно информиран за штетните измени, рече Јовановски.

Од тие причини ССМ бара расправа за неговите амандмани во Собранието. Амандманите се испратени до пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, СДСМ, ЛДП и до другите пратенички групи.

Со дел од измените ССМ се согласува, но истовремено бара задржување на повеќе досегашни стекнати права на вработените, односно бришење на некои од новите предлози.

Кои амандмани ги предлага Сојузот на синдикатите?

ВРАБОТУВАЊЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ – да трае најмногу две години, а не пет, како што е во предложениот закон. Треба да постои можност работникот после истекот на договорот да се трансформира во работен однос на неопределено време.

Договорот за определено време е пред се атипичен договор и се склучува за работи кои треба да траат определено време, смета Синдикатот. Со ограничување на две години се зацврстува работниот и социјалниот статус на ангажираното лице и се дава можност за трансформирање на договорот на неопределено време. Во деведесеттите рокот беше две години, после постепено се продолжуваше и се покажа дека тоа го зголемува бројот на невработените.

ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ОД ДЕЛОВНИ ПРИЧИНИ – треба да остане на сила постојното решението од законот. При отказ од деловни причини треба да се види дали работникот може да се вработи под променети услови, со доквалификација или преквалификација. Работодавачот да не може на едно лице да му врачи отказ од деловни причини и веднаш да ангажира друго лице на истото место, како што е новиот предлог. Последица би биле големите штети во вкупните работни односи во државата, зашто со таква можност работодавачите би делеле откази без никакво ограничување.

ОТКАЗ И СТАЖ – треба на јасен начин да се регулира кога работодавачот може да го откаже договорот за вработување. Сега двата услова, 64 години старост и 15 години работен стаж се дадени кумулативно, што значи дека работникот може да се задржи до, на пример, 68 години старост, доколку нема 15 години стаж. ССМ смета дека договорот може да се продолжи најмногу до возраст од 65 години (доколку не е поинаку утврдено со колективен договор).

РАБОТА ВО НЕДЕЛА -  доколку работникот останува во недела на работа тогаш тој треба да добие додаток на платата, како дополнителна работа. Со предлогот на новиот закон се дава можност за злоупотреби работењето во недела. Во цел свет неделата е ден за одмор и тоа не може да биде некој друг ден.

НОЌНА СМЕНА – работодавачот да се спречи да му наложува на работникот неограничено да биде ангажиран во трета смена. Покрај другото, предлогот е во спротивност со новиот Закон за безбедност и здравје.

ГОДИШЕН ОДМОР – платениот годишен одмор да трае од 20 до 30 дена, предлага Синдикатот. Со владиниот предлог годишниот одмор ќе се утврдува со договорот за вработување, што не е во ред. Должината на годишниот одмор треба да биде утврдена со колективен договор, а не со договорот за вработување.

Посебно лошо решение е што на работодавачот му се дава можност воопшто да не му даде годишен одмор на работникот. Најпогодени ќе бидат околу 100.000 вработени во јавниот сектор, додека вработените во приватниот ќе имаат уште поголеми проблеми со годишниот одмор.

РАБОТНА КНИШКА -  тоа е јавен документ, неопходен како евиденција пред фондовите, органите на управа, судовите. Ако се укине овој документ, како што стои во измените, работникот останува без доказ каде и колку работел и колкав е неговиот стаж. Без работна книшка евиденцијата станува еднострана, ќе ја имаат само државните органи и работодавачите, а не и работниците. Работникот се доведува до ситуација да биде шиканиран, да троши пари за да докажува колку има стаж

ПОНИСКИ ГЛОБИ – предложените казни од 8.000 евра за правен субјект и 5.000 евра за работодавач физичко лице се преголеми и не ќе може да се наплатуваат, смета ССМ. На работодавачот ќе му биде поисплатливо да ја затвори фирмата, отколку да плаќа глоби. Во она што се предлага не се нудат претходни мерки, ниту мерки од едукативен карактер. ССМ наведува дека годишно се кршат по околу 30.000 права за членовите на синдикатите и двојно повеќе во помали компании. Доколку државата би ги казнила сите за една година ќе инкасира  500 милиони евра.

ГЛОБИ ЗА СИНДИКАТИТЕ -  превисоки се и досега утврдените казни за синдикатите, од 50.000 до 70.000 денари. ССМ смета дека казната треба да се одреди на 500 евра.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.