Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ ГИ ПОТСЕТУВА РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР и ЈАВНИОТ СЕКТОР ДА ИСПЛАТАТ (К-15)РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР

Исплатата на регресот за годишен одмор во приватниот сектор е воспоставена со ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството и истата е задолжителна за работниците и работодавачите од приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите– ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата

На барање на ССМ, Владата прифати, а работодавачите добија поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор, а со таквото даночно ослободување до 80% од просечната плата, е надмината пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40%.

Во голем дел на компании каде што синдикатите здружени во ССМ имаат синдикални организации, работодавачите веќе исплаќаат регрес за годишен одмор во висина и од 100% од основницата.

Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес минатата година околу 90% од работниците кои се членови на синдикат го оствариле, а очекуваме така да биде и оваа година, па поради тоа апелираме до другите работници да се приклучат кон синдикат во ССМ.

Истовремено, Сојузот на синдикатите на Македонија на 29.07.2021 година до Владата достави предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој покрај другото предложи и - Регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата за сите вработени во јавниот сектор, а очекуваме Општиот колективен договор да биде потпишан веднаш по завршување на локалните избори со што ќе исправиме и една голема неправда спрема работниците во јавниот сектор.

Апелираме до работодавачите во приватниот и во јавниот сектор каде што ова работничко право е уредено со колективен договор да го исполнат истото во најскоро време имајки во предвид дека нема никакви законски ограничувања и истото претставува уредено право согласно со Закон и Колективен договор и претставува редовна исплата.

На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права

Google Play: https://cutt.ly/3bbqgKB

App Store: https://cutt.ly/Jbbqlc7

за да можеме да интервенираме до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.

Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос, а по пријава од ССМ и добро воспоставената соработка со ДИТ, инспекторите веднаш излегуваат на терен и доколку има, констатираат неправилност и ги задолжуваат работодавачите да постапат согласно Колективен договор и да го исплатат ова право на работниците.

Потсетуваме дека за неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ , Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително придонесува за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците (Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Сл. весник бр.226 од 2015г.), а за минатата година веќе се поднесени неколку Кривични пријави од страна на ССМ.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.