- Македонски
- English

Сојузот на синдикатите на Македонија предводен од Претседателот на ССМ, Дарко Димовски и Организацијата на работодавачите на Македонија предводена од Претседателката Владанка Трајковска остварија средба на која се дискутираше за потребата од усогласување на платите на работниците во приватниот сектор согласно порастот на минималната плата.

ССМ и ОРМ како единствени репрезентативни организации на работниците и на работодавачите се договорија преку социјален дијалог во следниот период да се изнајде заеднички прифатлив модел за усогласувањето на платите на работниците во приватниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата со колективните договори, а истото да не предизвика сериозни импликации на нормалното работење на работодавачите како и да се обезбеди сигурност и одржливост на работните места на работниците.
ССМ и ОРМ се согласија да пристапат кон процесот на измени и дополнувања на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, се со цел уредување на сите прашања кои се во интерес и на работниците и на работодавачите .
ССМ и ОРМ во наредниот период заеднички ќе настапат пред третиот социјален партнер Владата за изнаоѓање на конкретни мерки за поддршка и на работодавачите и на работниците кои ги почитуваат работничките права и кои се дел од ССМ и ОРМ во овие исклучително сложени моменти на светска здравствена, економска, енергетска и воена криза.