- Македонски
- English

Наскоро Сојузот на синдикатите на Македонија ќе предложи предлог мерки за справување со последиците од економската криза, најави претседателот на ССМ Живко Митревски на Регионалната конференција “Улогата на економско – социјалните совети во време на криза“, што вчера и денес се одржува во Охрид.
Како социјални партнери, една од нашите задачи е да излеземе со пакет социјални мерки за справување со кризата. Станува збор за три корпус мерки, кои сакаме да ги доставиме до социјалните партнери, Владата и Организацијата на работодавачи. Трите пакет мерки се однесуваат на социјалните и економските состојби, на поттикнување на делот на вработеноста и на реализирање на социјалниот дијалог.
За дваесеттина дена треба да се формира Економско – социјалниот совет и нашите мерки ќе бидат доставени уште на првата седница. Веројатно ќе промовираме уште една идеја, да седнеме со социјалните партнери и да потпишеме меморандум за согласност за начинот за справување со кризата, со тоа што ќе ги дефинираме нашите позиции и позициите на останатите партнери во социјалниот дијалог. Нова стратегија на ССМ е да придонесе на разрешувањето на сложените економско – социјалните состојби во државата, изјави Митревски во Охрид.
Не смееме да дозволиме, и покрај сите проблеми што ги имаме, вклучувајќи ги проблемите со името и позицијата на државата, да добиеме квалификација работниците да станат колатерална штета на се што се случува, и тоа и од социјален и од економски аспект, појасни Митревски. Тој ја нагласи потребата од дефинирање на социјалните пакети при креирањето на економската и социјалната политика, кои ќе бидат во прилог на зачувувањето на позицијата на работниците. Митревски додаде дека пакетот антикризни мерки е насочен кон обезбедување социјален мир.
Позитивна оценка за најавените предлог мерки на ССМ изрази Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи. Сметаме дека Владата ќе има поодговорен однос и ќе реализира дел од тие мерки, рече Стојановски. Како најсериозни проблеми со кои се соочуваме се скапата држава, превработеноста во делот на администрацијата и во делот на капиталните добра каде стопанството мора да заживее. И во услови на економска криза има можности за напредок.
Министерот Џељаљ Бајрами ги информираше учесниците на конференцијата дека Македонија конечно ќе има Социјално – економски совет, и тоа репрезентативен, а не како досега, поради што имаше застој во неговото функционирање.