- Македонски
- English

29.02.2012
Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи да учествува и да придонесува во мерките на економската политика кои ќе значат намалување на последиците од економската криза.
Ова денес го изјави претседателот на ССМ Живко Митревски по повод Европскиот ден на акцијата, настан што во знак на интернационална синдикална солидарност го подржаа македонските синдикати ССМ, КСС и УНАСМ.
Европската конфедерација на синдикатите наведе дека на 115 милиони луѓе на континентот, скоро една четвртина, им се заканува сиромаштија, додека невработеноста е во постојан раст. Република Македонија ги чувствува последиците на глобалната криза и наша задача е да придонесуваме во борбата против сиромаштијата, во борбата за постигнување социјална солидарност, накусо во се она што ќе значи бенефит во општата состојба на работниците. Постои цел корпус прашања кои можат да се постават пред државните органи, изјави Митревски.
На прашањето за последните поскапувања Митревски рече дека ССМ даде свои предлози за заштита од енергетската економска сиромаштија, најпрво за субвенционирање на сметките за енергија на работниците кои примаат минимална плата.
Околу членството во Европската Унија претседателот објасни дека прашањето за влез го водат политичарите, додека Синдикатот на свој начин ќе помага во сите предизвици на евроатлантската интеграција на Македонија.
Околу мерките за намалување на вработеноста Митревски рече дека за ССМ, покрај постојаните ангажмани во Економско – социјалниот совет и во другите институции, намалувањето на невработеноста е едно од приоритетните прашања. Сега е актуелна Програмата за самовработување и ние би сакале и нашите членови што повеќе да ги користат условите за оваа програма.
ССМ на 5 јули 2010 година изнесе свои три корпус – мерки за ублажувањето на последиците од економската криза. Тоа се мерки за економски развој, намалување на невработеноста и активен социјален дијалог. Целта на ССМ е да се спречи економската криза да прерасне во социјална криза. Владата на Република Македонија во антикризните програми прифати дел од предложените мерки на ССМ.