Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Ссм одржа протест пред собранието

 

Во ваков ден, место да славиме за вчерашниот извештај за напредокот на евроинтеграцијата на нашата земја, ние се чувствуваме присилени да протестираме пред Собранието. Причина за денешниот протест се најавените измени и дополнувања на Законот за работни односи, со кои и понатаму се намалуваат работничките права и слободи.

Ова на денешниот протест го изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. На мирниот протест учествуваа членовите на органите и телата на ССМ, на здружените грански синдикати и на регионалните совети и канцеларии, затоа што временската ограниченост не дозволи организација на помасовен собир. Солидарност со македонскиот Синдикат покажа Синдикатот “Независност“ од Србија, чија делегација присуствуваше на протестот. Пораката до Собранието е испратена – пратениците да не гласаат за понатамошното намалување на правата на македонските работници.

Во врска со евронапредокот Муратовски рече дека е убаво човек да се пофали за нешто, но не треба да го премолчува тоа што не е добро. Се крие дека во вчерашниот извештај на Оли Рен, на страница 46, стои: “ефективен и репрезентативен социјален дијалог во Македонија нема“.

Кои се барањата и забелешките на ССМ? Ние бараме работниците да не бидат оставени на милост и немилост на работодавачите. Да се одреди минималната плата. Да се регулира прекувремената работа, скратеното работно време, да се отвораат нови вработувања, да не се воведува работење во сабота. Најавено е дека Собранието ќе озакони ноќната работа да може да се извршува непрекинато четири месеци. Кој човек тоа може да го издржи, запраша Муратовски.

Понатаму, да постои платен дневен одмор, затоа што, со најавените измени, оние кои работат шест часа ќе немаат право на пауза од 30 минути. Годишниот одмор да трае најмалку 26 работни дена, а не 20, кои со инцијатива на ССМ ги врати Уставниот суд во месец мај.

Во врска со синдикалното организирање претседателот на ССМ рече дека Владата најгрубо се меша во синдикалните права и слободи. Не може комисија составена од три министерства да одлучува кој синдикат е репрезентативен. Ова решение, директно мешање во синдикалното организирање, не постои во цивилизираниот свет. Во комисијата треба да учествуваат и други партнери, секако и ССМ. Со Уставот е забрането да се навлегува во личните податоци, нагласи Муратовски.

Ние бараме да се регулира правото на слободно колективно договарање. Не можеме да дозволиме Владата сама да одредува со кого ќе потпишува колективни договори – како што еднаш направи, место колективен договор да се потпишуваат празни листови хартија со некаков таканаречен синдикат.

Бараме вистински европски закони, нагласи во говорот претседателот на ССМ. Кога еднаш ќе влеземе во Унијата, оваа или некоја наредна влада не ќе може да прави што сака, туку ќе мора да ги прифати европските правила на игра. Брисел сигурно ќе ја присили македонската влада да го промени однесувањето и да ги прифати европските норми на трудовото право.

На новинарското прашање што ако Собранието ги усвои најавените измени Муратовски одговори дека ССМ не може да остане слеп и глув кон се што се случува. Службите на ССМ поднесоа Иницијатива до Уставниот суд со барање да се стопираат спорните членови. На прашањето, пак, за односот на некои членови на кабинетот кон ССМ Муратовски рече дека портпаролот на Владата очигледно нема никакви познавања и затоа е подобро да се врати на примарната професија и да продава рибарска опрема.

Законот за работни односи е Устав на работниците и треба да биде прогресивен, а не реакционерен. Со измените се крши Уставот на Република Македонија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, и тоа Конвенцијата 87, за слобода на здружување и заштита на правата за организирање, Конвенцијата 98, за правото на организирање и колективно договарање и Конвенцијата 144, за трипартитна консултација – меѓународни стандарди на трудот.

Раководството на Сојузот на синдикатите има побарано прием кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, на кого треба да му ги предадат барањата на ССМ околу Законот за работни односи. До заклучувањето на оваа вест одговор од Собранието не е пристигнат.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.