- Македонски
- English
ССМ ОРГАНИЗИРА 3 ПРОТЕСТИ НА 2 И 8 АПРИЛ И НА 1 МАЈ
Трендафилов од седиштето на ССМ, зградата на Работничкиот дом, најави три протести од кои два ќе се случат на почетокот на април, а третиот, главниот, ќе биде оној на 1 Мај, на Денот на трудот, од кој работниците ќе ги упатат своите барања и очекувања до оние што планираат да ја водат државата во наредниот период.
Работниците и граѓаните имаат избор и немаат повеќе изговор да не учествуваат на ниту еден од протестите кои ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија нагласи на почетокот Претседателот на ССМ, Трендафилов.
На 2 април ССМ организира протест кој ќе започне од пред зградата на Работничкиот дом и ќе заврши пред Врховниот суд. Да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, а правото и правдата мора да победат.
Судиите што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние кои го граделе, револтирано кажа Трендафилов и дополни дека пред еден месец доставиле до Основниот граѓанскиот суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на нови докази.
Членовите на ССМ ќе го искажат својот револт од одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом од синдикатите и негово давање во владение на државата.
Одлуката за одржување на протестот, како што информираше Претседателот на ССМ Трендафилов, едногласно ја донеле Претседателството и Советот на ССМ. Тој ќе започне од пред Работничкиот дом во 11 часот и ќе заврши пред зградата на Врховниот суд, од каде што присутните ќе побараат да биде донесена нова пресуда со која зградата ќе биде вратена на Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Протестот ќе биде во насока на тоа да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, дека правото и правдата мора да победат и дека треба што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние кои го граделе. Имаат можност, а ние во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и негово доделување на државата, а на државата не ѝ треба уште една зграда, туку ѝ требаат работници и синдикати заврши Трендафилов.
Вториот протест ќе биде шест дена подоцна, односно на 8 април, кога од пред зградата на ССМ до Министерството за здравство ќе протестираат од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита заедно со ССМ. Тие ќе протестираат поради тоа што нема да добијат усогласување на нивните плати согласно новата пресметка на минималната плата, бидејќи не е потпишан анексот на колективниот договор за овој сектор.
„Протестот на 8 април ќе биде токму во насока на изразување на незадоволството од непотпишувањето на анексот на колективниот договор кој беше завршена работа, меѓутоа заради политичките игри, морам да кажам, остана непотпишан и на овој начин повеќе од 20 000 работници во дејноста здравство остануваат без никакво усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата“, рече Трендафилов на прес-конфренцијата.
Тој кажа дека износот на минималната плата е веќе објавен и изнесува 22 567 денари и таа треба да биде основ за услогласување на платите на повеќе од 60 000 работници во јавниот сектор вработени во управата и правосудството, агенции, фондови јавни претпријатија и др., односно на сите работници каде што во нивните основни закони или пак во колективните договори кои ги има потпишано Синдикатот на УПОЗ и СУТКОЗ каде што е утврдено дека основната компонента на платата е и минималната плата.
Како последно сакам да кажам дека ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица, како што ќе го направи тоа и на 2 април и на 8 април. Работниците повеќе немаат изговор, не може да не критикуваат дека само за 1 мај излегуваат синдикатите и дека тоа не е доволно.
Само во месец април работниците ќе излезат два пати на протест и на 1 мај ќе излезат на големиот работнички протест на кој ќе им кажат на сите оние кои претендираат да ја водат државата што очекуваат и што бараат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а жалосно е и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите кои сакаат да седнат и во пратеничките клупи, меѓутоа и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период“,
Синдикатите од идната Влада очекуваат минималната плата да изнесува најмалку 450 евра и тоа да биде усвоено уште во првите 100 дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот.
Очекувањата се дека ќе се направат измени и во низа други законски решенија и дека ќе се потпишуваат колективните договори, да се врати храната, да се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто-платата, односно неправдата која се направи во 2009 година ќе се исправи и на ваков начин работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства за да можат да преживеат до крајот на месецот“,
Прашан дали има точни бројки колку работници нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата, претседателот на ССМ кажа дека според информациите кои ги има, покрај во здравството, усогласување на платите нема да добијат и вработените во образованието и во Министерството за внатрешни работи. Причина за тоа, како што наведе, се непотпишаните колективни договори.
Меѓутоа управата, правосудството, вработеноте на локално, односно на општинско ниво, правобранителството, јавнообвинителската служба, судската служба , агенциите, фондовите, јавните претприкатија итн. ќе добијат усогласување. Знам дека половина од вработените во јавниот сектор нема да добијат усогласување и тоа е причина повеќе да се придружат на ССМ да застанат заедно со нас не само на 1 мај, туку да го направат тоа и на 2 април и на 8 април и да покажат еднаш засекогаш на секој оној кој сака да се заокружи неговиот број за претстојните избори, што очекуваат работниците од него, а очекуваат достоинствени плати, пристојни и безбедни услови за работа. Без тоа, гласот на работниците веројатно нема да го добие никој во државата“,
Прашан дали некоја од политичките партии побарала средба со ССМ, како што дел од нив тоа веќе го направија со стопанските комори, лидерот на ССМ рече дека такво барање досега не стигнало до нив. Нивниот став, вели Трендафилов, е дека не треба да се вклучуваат во ниту една политичка кампања, на ниту една политичка партија.
„Ние како ССМ, сè додека не ги нападнат работниците и сè додека тие одлучуваат да се гледаат само со работодавачите, сметаме дека не треба да се вклучуваме во ниту една политичка кампања на ниту една политичка партија, на ниту една политичка опција. Меѓутоа добро ќе беше да ги слушнеа барањата на работниците“,
рече Трендафилов.
„Ќе им кажат на сите оние кои претендираат да ја водат државата што бараат и што очекуваат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите кои сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период.
Очекувањата се 450 евра најмалку минимална плата во првите сто дена од новата Влада со политичка одлука за измена на законот, се врати правото на храна и да се врати правото на превоз за работниците и да се извади надвор од бруто платата и да се исправи неправдата која се направи кон работниците во 2009 година, а работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства покрај платата“, додаде тој.
Според него, пратениците не ги гласаат стопанските комори, работодавачите и газдите, туку ги гласаат повеќе од 750 000 вработени во Македонија.
„Стопанските комори, директорите се можеби некаде околу 7 000, меѓутоа работниците се 700 000. Работниците на крајот на денот носат одлука за тоа кој ќе ја води државата наредниот период. Ако вие не се грижите за нив, ако немате идеја во кој правец да се движите за да ги овозможите достоинствените плати на работниците, пристојните, здрави и безбедни услови за работа, значи треба да размислите подобро.
Упатувам апел до сите да сметаат дека работникот е иднината и работникот е пред сè. Ниту газдите ниту работодавачите не се тоа“,
порача Трендафилов на денешната прес-конференција.