Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ ПОДНЕСЕ ПРЕДЛОГ ДО ПАРЛАМЕНТОТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ ЗА 78%

ССМ ПОДНЕСЕ ПРЕДЛОГ ДО ПАРЛАМЕНТОТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ ЗА 78%

Отворено писмо до Пратениците

Почитувани,

Како што знаете Сојузот на синдикатите на Македонија, како единствен репрезентативен синдикат го потпиша Општиот колективени договор за јавен сектор со Владата на 18.07.2023 година кој е објавен во Службен Весник бр.154 од 20 јули 2023 година.

Во член 13 од Општиот колекективен договор за јавен сектор се предвидува дека Основната бруто плата на вработените во јавниот сектор е составена од: -просечна бруто плата и - коефициент на сложеност на работното место, а начинот на пресметување на бруто платата согласно член 13 од овој колективен договор, започнува да се применува од 01.03.2025 година.

Имајќи во предвид дека револтот на работниците, граѓаните, пензионерите е огромен поради зголемувањето на платите на функционерите за 78% согласно Одлуката на Уставниот суд од 21 март 2023 година објавена во Службен весник бр.65 од 23.03.2023 година со која СЕ УКИНУВААТ член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014), сметаме дека е потребно да се извршат итни измени на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката во насока на следното:

Во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, член 11 се менува и гласи:

„Член 11

(1)Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во Службен весник за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика.

(2)Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и истата започнува да се применува од платата за месец март 2025 година.“

Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период апелираше до сите избрани и именувани функционери и им укажуваше дека несвојствено, нелогично и нечовечки е толку драстично да се зголемат платите на функционерите особено во време кога работниците, граѓаните и пензионерите се соочени со справување со последиците од економската, здравствената и воената криза, зголемените трошоци за живот – инфлацијата, големиот раст на Синдикалната минимална кошница која ги отсликува само основните потреби на едно четиричлено семејно домакинство и тоа само за преживување.

Укажувавме дека фукционерите наместо да мислат на ранливите категории на граѓани, работниците и пензионерите размислуваат единствено за себе и за своите потреби и си овозможија без реални и оправдани причини за својот ангажман и работење, енормно зголемени плати за 78% наеднаш, а што не е познато ниту во нашето опкружување ниту пак во друга држава во светот.

Ние синдикалците и граѓаните не гледаме испорачани резултати од страна на функционерите на планот на подобрувањето на општествениот и економскиот развој, ниту пак видовме зголемен ангажман и зголемена продуктивност на функционерите за 78% за потоа да добијат ваквото енормно зголемување на платите од 78%.

Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10% од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво.

Како пратеници, Ве замолуваме едногласно да ја прифатите иницијативата предложена од ССМ и да ја спроведете постапката за измени и дополнување на Законот во најкус рок.

Со почит,

Претседател на ССМ

Слободан Трендафилов

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.